Филипче: Кој ќе одговара за Алта банка – Обвинителството да го прекине молкот!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство да го прекине молкот за Алта банка и да ја испита одговорноста за нејзиниот влез во Македонија. Тој постави прашања за улогата на премиерот Христијан Мицкоски, постапувањето на гувернерот Трајко Славески и владините одлуки поврзани со купувањето а сега и со најавената продажба на банката.

„Како тој сега разговара и најавува продажба на една банка кај нас? Во кое својство? Зошто ОЈО не се вклучува кога знаеме дека во Србија има истрага за повеќе работи, за потекло на пари, за трансакции и така натаму. Зошто само Основното јавно обвинителство кај нас молчи за сето тоа? Не е ли доволен индикатор да започнат некаква проверка или некаква истрага“, праша Филипче.

Претседателот на СДСМ го оспори тоа што го прави Мицкоски како посредник во продажбата на Алта банка и побара да објасни во кое својство бара потенцијални купувачи.

„Го слушам изминатите денови премиерот Христијан Мицкоски како кажува дека нашол купци за Алта банка. Тој нашол купци за Алта банка. Во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас“, рече Филипче.

Тој нагласи дека изјавите на Славески отвораат прашања за претходната вклученост на премиерот во преземањето на тогашната Стопанска банка Битола.

„Очигледно е, а гувернерот Трајко Славески тоа го потврди, дека премиерот знаел сè. Ние на тоа укажуваме повеќе од година дена, за врските со сестринската СНС. Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека Алта банка доаѓа кај нас да ја преземе тогашна Стопанска банка Битола. Со кого преговарал?“, праша тој.

Филипче побара одговори и за интересот зад владините одлуки поврзани со отстапувањето акции во корист на Алта банка, посочувајќи ја и вклученоста на министерката за финансии.

Посебно го отвори прашањето дали банката располага со средствата прикажани во нејзиниот биланс и побара премиерот и гувернерот да ѝ дадат јасен одговор на јавноста.

„Дали осумдесет милиони евра биланс на Алта банка тука во Македонија ги имаме? Дали банката ги има парите? Дали граѓаните, фирмите, сите јавни претпријатија кои што ги притискале и премиерот и министерката за финансии да ги препродадат акциите во Алта банка го имаат својот капитал или не? Тоа е прашање на кое што треба да се одговори“, истакна Филипче.

Тој изрази сомнеж дека најавите за брза продажба можат да послужат за прикривање на потеклото на парите и трансакциите, наместо за целосно расчистување на случајот.

„Зошто? Да се замаскира целата работа, да се замаскира потеклото на парите, трансакциите, сметките и така натаму. Тоа ли е целта со овие најави и брзи најави на премиерот Христијан Мицкоски?“, праша претседателот на СДСМ.

Филипче порача дека СДСМ ќе ги искористи сите законски и демократски механизми за утврдување на одговорноста, вклучително и надзорната расправа во Собранието.

„Ние ќе ги искористиме и ги користиме апсолутно сите законски легални можности коишто ни се на располагање, сите демократски методи. Надзорната расправа е една од тие работи. Ќе ги прашаме сите луѓе за коишто сметаме дека се инволвирани во процесот, дека имале своја улога, дека имаат своја одговорност во овој процес“, нагласи Филипче.

Линк до видео: