Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во изјава за медиуми, пред јавната дебата за економија, организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“, нагласи дека состојбата со јавните финансии е сериозно загрижувачка – рекордни близу 25 милијарди денари државата дава за враќање на камати на долговите, новиот буџет нема никаква развојна компонента. Филипче посочи дека со ваквите економски политики, државата се движи кон грчко сценарио, во кое исплатата на тековните расходи, платите, пензиите и обврските кон стопанството ќе зависи од скапи кредити.
„Никогаш досега ваква голема сума, близу 25 милијарди денари, не била наменета за враќање камати на долговите. 60 % од сумата предвидена за капитални инвестиции оди за враќање камати. Вака како што сега Мицкоски ја води економијата, не и преостанува ништо друго освен за некоја година да се соочиме со грчкото сценарио, односно да стигнеме во ситуација кога единствен извор на тоа да се платат тековните расходи, плати, пензии, сѐ што се должи кон стопанството ќе бидат само скапите кредити“, рече Филипче.
Тој додаде дека особено загрижува долгот на државата кон стопанството во износ од 713 милиони евра, со што дополнително се загрозува ликвидноста на компаниите и нивното натамошно функционирање.
„Страшно загрижува огромниот долг кој што државата го има кон јавните претпријатија, кон локалната самоуправа, кон компаниите во здравството и така натаму, седумстотринаесет милиони евра, вклучувајќи го и долгот за поврат на ДДВ. Значи 713 милиони евра нема државата да ги даде на стопанството, а со тоа ги прави компаниите неликвидни и ги става во ризик како понатаму тие би функционирале. Сѐ на сѐ еден страшен дебакл“, рече Филипче.
Во изјавата, Филипче посочи дека и новиот буџет за 2027 година нема развојна компонента, ниту пак мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Животот е сè поскап. Граѓаните ништо не можат да си дозволат. Три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка. Скапа е храната. Оваа Влада апсолутно не знае како се води државата. Сега се носи буџетот за следната година, после веќе многу брзиот ребаланс, што беше доказ за лошите економски политики. Нема пари за зголемување на платите во здравството, во образованието, во социјалата. Нема развојна компонента буџетот, немаше ни до сега. 60% од сумата за капитални инвестиции оди за враќање на камати на долговите“, рече Филипче.
Линк до видео:


