Прес – конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Пред точно три години јас и Владата предводена од СДСМ ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, да работиме за доброто на сите, да ја извадиме земјата од калта и да ја поведеме напред.
Денеска, стојам пред вас, со крената глава, со чист образ и гордо можам да кажам дека успеавме и дека довербата и натаму ќе ја оправдуваме.
Остваривме две од најважните стратешки цели, она што со на моменти изгледаше дури и невозможно: ние сме 30-та земја членка на НАТО и имаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Испишавме историја.
Од „заробена држава“ денеска сме најпозитивниот пример во регионот. Ја обезбедивме сигурната иднина на граѓаните.
Ја вративме слободата и демократијата. Во време на режимот се шепотеше, денеска гласно се зборува.
Од -1,8 пад на економијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, обезбедивме раст на БДП од +3,6%.
За 2,5 години бројот на вработени граѓани го зголемивме за над 67 илјади нововработени, а стапката на невработеност ја намаливме за 6%.
Покажвме грижа за сите. Платите ги покачувме речиси во сите сектори, минималната плата два пати ја покачивме и сега е 14.500 денари, речиси 100 евра повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ. Ги зголемивме и пензиите за 720 денари.
Просечната плата ја зголемивме за 5.100 денари, март 2017 беше 22.445 денари, јануари 2020 година е 27.540 денари.
За овие три години ja извадивме земјата на прав пат, а денес знаеме дека заедно со вас, граѓаните, можеме уште повеќе и уште подобро.
Почитувани,
Сите ја паметиме нашата држава пред 2017 година, изолирана, нестабилна, со заробени и партизирани институции од страна на режимот.
Во недемократски политички услови, по еднодецениска злоупотреба на моќта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, режимот правеше се да не се воспостави демократска власт.
Волјата на граѓаните сакаше да ја изигра и да ја втурне земјата во граѓанска војна.
Не успеаа. Јас и моите тогашни колеги пратеници со голема среќа го преживеавме крвавиот 27 април. Составиме демократска влада на граѓаните, речиси 6 месеци по одржувањето на изборите во декември 2016.
Денес, три години подоцна, Северна Македонија е држава препознаена како сојузник и пријател на регионот и светот, држава на економски напредок и интеграција, држава која се грижи за своите граѓани.
Кога ја преземавме власта воопшто немаше никаков економски раст, тогаш, стапката на БДП беше во минус, земјата и граѓаните во големи долгови.
Од минус 1,8 ја кренавме економијата во плус. Во 2018 остваривме раст на БДП од 2.7%, а во 2019 година постигнавме раст од 3.6%.
Откако ја презедовме одговорноста, за десет квартали, во нашата држава обезбедивме над милијарда евра странски инвестиции.
Го стабилизиравме и долгот, а девизните резерви се зголемија за над 800 милиони евра.
Бројот на вработени лица го зголемивме за над 67 илјади нововработени, а стапката на невработеност ја намаливме за 6% .
Тоа се факти што се проверливи и што никој не може да ги оспори:
Во време на СДСМ во приватен сектор се вработија повеќе граѓани отколку во време на ВМРО-ДПМНЕ! И горди сме на тоа!
Горди сме и на значителниот пораст на нето платата, која пред економската криза предизвикана од пандемијата, достигна над 27 илјади денари во јануари и февруари.
Ако се направи споредба со јуни 2017 година, лесно може да се заклучи дека Владата предводена од СДСМ значително повеќе ги зголемува нето платите од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за пократко време!
Просечната пензија ја покачивме од 13.700 на 15.500 денари а секој пензионер во февруари доби 722 денари повеќе.
Со законски измени обештетени се 12.000 илјади стечајци, кои долго време беа оставени без никаков надоместок.
Вистинските економски политики допринеса економијата подговена, на нозе да ја дочека глобалната пандемија со коронавирусот.
Можете ли да замислите како ќе изгледаше справувањето со Ковид ако денес ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, со минимална плата од 9.000 денари? Или како ќе им беше на илјадниците стечајци за кои обезбедивме трајно финансиско решение, а кои Груевски ги игнорираше цела деценија?
Не е тешко да се замисли како ќе функцираше државата во услови на Ковид-19 ако ДПМНЕ беше на власт. Веројатно сите институции ќе беа под палката на различни неодговорни и незрели функционери слични на Наќе Чулев.
Затоа не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се вратиме назад.
Почитувани,
Покажавме дека можеме сите отворени прашања со соседите да ги затвориме, а притоа да го обезбедиме нашиот македонски идентитет, нашата посебност, нашиот македонски јазик.
Денес, ние сме членка на НАТО, македонското знаме гордо се вее пред седиштето на Алијансата и очекуваме отворање на првите поглавја за почеток на преговите за членство во ЕУ.
За жал, кога носевме историски одлуки, кога чекоревме на прав пат кон полноправно членство во НАТО и отворање на преговори со ЕУ, немавме сојузник во најголемата опозициска партија предводена од Христијан Мицкоски.
Мицкоски покажа дека нема ниту став, ниту зрелост, ниту чувство за одговорност за националните интереси. Збунет почитичар без јасен стаб, од кој не видовме ништо друго освен слепо служење на својот шеф Никола Груевски, секојдневно ширење лажни вести и поткопување на интересот на граѓаните и државата.
Христијан Мицкоски не покажа зрелост и конструктивност ниту кога се соочувавме со проблеми кои не засегаат сите: како што беше проблемот со загадувањето на воздухот, и како што е сега светскиот проблем со пандемијата од Ковид 19.
Тоа граѓаните многу добро го знаат. Но, ние продолжуваме напред, се водиме од интересот на граѓаните и државата и ниту една опструкција, кочење или деструкција од Мицкоски нема да не запрат.
Почитувани,
Од принципот „Правда за сите” не отстапуваме и тој принцип мора да важи и за судиите кои чуваат пресуди и предмети по фиоки, спасувајќи криминалци.
Донесовме пакет реформски закони во правосудството, отворивме простор за независна, професионална работа на судството и сега, судиите и обвинителите се на потег, да испорачаат правда, наместо да ја попречуваат како што видовме во изминативе три години.
Нашиот успех како реформска влада се потврди и со добриот напредок во реформата на безбедносните служби, како и со напредокот што го правиме во реформата на јавната администрација.
Но знаеме дека треба уште многу повеќе кога е правдата во прашање. Време е за целосно прочистување на судството, за да се остави простор на чесните и професионалните судии, да обезбедиме правда за сите. Тоа ќе го направиме.
На тема здравство,
Како партија и како Влада покажавме одговорност и вложувавме во она што е важно. Вложувавме во човечкиот капитал и во образованието, и во здравството и во сите други дејности.
Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист ја зголемивме за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23% на медицинските сестри на клиниките. На општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%.
Инсулини кои се со сертификат за квалитет и кои не се од паралелен увоз.
За 2 години воведовме 6 нови лекови.
Ги подобривме условите во 28 јавно-здравствени установи. Здравствената заштита ја подигнавме на повисоко ниво, а здравствените работници и соработници имаат значително подобрени услови за работа.
Тоа е вистинска грижа за лекарите, за медицинскиот персонал, тоа вистинска грижа за граѓаните.
Гледаме колку е значајно ова вложување во здравството сега кога се соочуваме со пандемијата на коронавирусот.
За жал, како што Мицкоски се обидуваше да ги поткопа напорите да зачекориме на сигурен и стабилен пат кон ЕУ и НАТО, така сега се обидува да ги поткопа здравствените напори за борба против пандемијата, како и довербата на граѓаните во здравствениот систем.
Наместо конструктивна критика од страна на опозицијата, во овие три години, бевме и се уште сме сведоци на црни кампањи со лажни вести, дезинформации, клевети и инсинуации.
Згора на се, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, дозволи непочитување на мерките и препораките и го загрози здравјето на граѓаните.
Овие денови ги гледаме последиците од оваа неоговорност, имаме нов број заразени од вирусот.
Но, здравстените институции имаат капацитет и ќе се справат со оваа ситуација. Многу е важно да разбереме дека вирусот е тука и затоа сите мора да ги почитуваме мерките за заштита.
Почитувани граѓани,
Сите ние сме исправени пред предизвикот за справување со последиците од глобалната пандемија на коронвирусот.
Покажавме дека и во комплицирана сотојба, со нецелосно функционални институции можеме да го заштитиме здравјето на граѓаните и да најдеме решенија за трансформација на економијата и зголемена помош за сите категории граѓани.
Но за да продолжиме уште поефикасно, за да можеме да го заштитиме здравјето на граѓаните, уште попосветено, потребни ни се целосно функционални и капацитетни институции.
Наш приоритет е здравјeто на граѓаните и нивната живеачка.
Продолжуваме со реализација на мерките и проектите што носат подобар живот за сите наши граѓани. Тоа е наш приоритет од кој не отстапуваме.
За овие три години ja извадивме земјата на прав пат, а денес знаеме дека заедно со граѓаните можеме уште повеќе и уште подобро.