Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ
Почитувани,
Покрај Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, ЕУ го објави и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, кој обезбедува силна поддршка за нашата земја во периодот што следува.
Со овој пакет се обезбедува фонд за гаранции за да се соберат инвестиции од 20 милијарди евра, што е една третина од вкупниот БДП на целиот регион.
Преку инвестицискиот пакет ќе бидат поддржани капитални проекти во клучни области од како што се транспортот, енергетиката, животната средина, дигитализацијата, приватниот сектор и младите.
Во однос на Република Северна Македонија овој стратешки документ на Унијата предвидува забрзување на работите на железничкиот Коридор 8 помеѓу Скопје и границата со Бугарија, како и изградба на автопат со цел подобро поврзување на Скопје и Софија.
Во делот на енергетиката ќе биде поддржана изградба на гасна интерконекција Северна Македонија – Косово, но и проширување на инвестициите во поврзувањето на Северна Македонија со Грција.
Овој план ќе поддржи изградба на електрани од сончева и ветерна енергија, а во областа на животната средина ќе се фокусира на третман на отпадни води во Скопје и интегрирани системи за управување со отпад.
Почитувани,
Ова се само дел од капиталните проекти кои ќе бидат поддржани од нашите партнери во ЕУ.
Интеграцијата во Унијата носи бројни придобивки за секој сегмент од нашето живеење. Со почетокот на преговорите и отворањето на поглавјата селдува период на позитивна трансформација на нашата држава.
По влезот во НАТО, ќе докажеме дека можеме да се интегрираме и во ЕУ. Како одговорна и државотворна партија остануваме посветени на реализацијата на стратешките интереси. Продолжуваме по вистинскиот пат, патот на напредокот, развојот и интеграцијата.