Прес-конференција, Даниела Маркоска, пратеничка од СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани медиуми
Нашата држава има буџет преку кој ќе се реализира четвртиот пакет економски мерки во вредност од 470 милиони евра. Овие пари одат директно кај граѓаните и во економијата и преставуваат инструмент за справување со последиците предизвикани од пандемијата со коронавирусот.
Владата на СДСМ по четврти пат во здравствено- економската криза демонстрира грижливост за сите граѓани и компании преку непосредна заштита на работните места, исплата на плати во приватниот сектор, пензии, преку поволни кредити за стопанството.
Она што е приоритетно, над 240 милиони денари се слеваат во здравството за да се купат тестови за Ковид 19, вакцини, но и за лекови против вирусот. 54 милиони денари издвојуваме за парична награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на заразените пациенти.
Овој буџет ќе помогне да се исплатат околу 250 000 плати за октомври, ноември и декември во голем број компании во сите сектори. Обезбедуваме сериозна помош за работниците, пензионерите, социјално ранливите, самохраните родители и невработените.
15 милиони денари се издвојуваат за занаетчиите, за нивните алати и репроматеријали, а за поконкурентно занаетчиство ДДВ на нивните услуги се намалува од 18 на 5 отсто. Финансиска помош има за угостителите и туристичките работници.
Со ваквиот буџет испраќаме порака дека државата има пари и дека во период на светска здравствена и економска криза има капацитет да ги санира последиците. И не само да помогнеме онаму каде што е неопходно, нашата финансиска политика овозможува паралелно да спроведуваме и капитални инвестиции на централно и локално ниво.
Со оваа верзија на буџетот предвидуваме реализација на 19 големи проекти низ нашите општини, како што реконструкцијата на Универзалата сала во Скопје, водовод во Чаир, спортска сала во Куманово, канализација во Сарај, водовод во Тетово и други проекти во повеќе градови низ државата, сите во износ над 200 милиони евра.
Почитувани
СДСМ е целосно посветен на реализацијата на проекти кои го унапредуваат животот на сите граѓани и од тоа нема да отстапиме. Ќе дадеме се од себе да го заштитиме здравјето на сите, да ги подобриме перформансите на здравствениот систем, да ги имплементираме економските мерки и заедно да создадеме пристоен живот за сите.