Прес-конференција на СДСМ, Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани,
Се наоѓаме на раскрсница во нашата заедничка битка со пандемијата на коронавирусот која ја водиме речиси една година.
Заштитата на здравјето на граѓаните останува наш приоритет, на СДСМ, на Владата, на пратениците.
Сега кога вакцината ни е на дофат, есенскиот пик постепено се стабилизира, голем ризик може да биде неодговорно празнување на претстојните новогодишни и божиќни празници.
Токму затоа усвоивме нов пакет рестриктивни мерки и препораки, под мотото ПРАЗНУВАЈ ОДГОВОРНО, кои стапуваат на сила од 18 декември до 20 јануари.
Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.
Тука е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, а имаме и јасни препораки до верските заедници, до работните организации и препораки за работата на рестораните во хотелските објекти.
Истовремено апелираме до граѓаните да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од групирање.
Меѓу одговорноста и здравјето на една страна и задоволството и профитот од друга страна да го избереме здравјето.
Државната помош и поддршка за најзагрозените сектори е во тек, но сега е најважно да се фокусираме на мерките кои ќе го спречат ширењето на пандемијата – само така ќе се создадат услови за закрепнување во сите сектори.
Во борбата со справување со пандемијата, секој ден сме чекор поблиску до вакцината.
Преку Ковакс механизмот обезбедуваме 833.000 вакцини. Дополнителни количини ќе бидат обезбедени преку директни преговори со компаниите кои ги создадоа вакцините, како и преку Европската Унија која ќе обезбеди дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.
Работиме на тоа да се обезбедат доволен број и навремено да пристигнат вакцините. Нашата земја ќе биде вклучена во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки, преку нашиот сосед Грција.
Сите капацитети во државата се подготвени за прием, дистрибуција и вакцинација за КОВИД-19.
Апелираме граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести. Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин исто како и сите други вакцини кои денес ги користиме.
Вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, приоритет при вакцинацијата ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и граѓаните со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести.
Почитувани,
Ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме. Кога треба да се издигнеме над поединечниот интерес.
Секој од нас е повикан да биде одговорен за да не предизвикаме нов бран на епидемијата – токму сега кога сме на чекор до масовната вакцинација после која целиот свет очекува да се вратат нормалните услови за живот, работа и развој.
Ајде ДА ПРАЗНУВАМЕ ОДГОВОРНО и во предвечерјето на вакцинацијата да го означиме почетокот на крајот на пандемијата со ковид-19.