Изјава за медиуми, Стефан Васев од СДСМ
Почитувани,
Изминаа три години откако Христијан Мицкоски ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
Порази од граѓаните, демантирани лажни вести и обиди за одбрана на криминалот преку деструкции се единствените достигнувања во овие три години на Мицкоски како шеф на ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски беше поразен како носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје на локалните избори во 2017 година. Во 2018 беше поразена неговата деструкција околу референдумот. Во 2019 неговата кандидатка за претседател беше поразена на претседателски избори, а тој ги загуби и предвремените локални избори за градоначалник на општините Охрид и Ново Село.
На 15 јули Мицкоски загуби на предвремените парламентарни избори, а пред само неколку денови во Штип беа поразени неговите деструктивни и неодговорни политики.
Освен поразите Мицкоски за овие три години ќе биде запаметен и по лажните вести што свесно ги ширеше. Мицкоски лажеше дека мигранти ќе се населувале низ македонските градови, лажеше дека ќе се редефинира уставниот поредок, ги плашеше граѓаните со вртоглави инфлации, од почетокот на коронавирусот лажеше дека немало доволно тестови, дека немало заштитна опрема, дека над 100.000 луѓе останеле без работа.
Лажеше Мицкоски и дека во Софија ни се распарчува државата, дека ги губиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ништо од тоа не е вистина.
Три години Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, три години порази, лаги и деструкција. Ниту еден проект, ниту една идеја што е во интерес на граѓаните и државата.
Затоа нека не се чуди зошто е во опозиција. Со вакво однесување уште долго ќе остане таму.