Прес-конференција, Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата
Почитувани граѓани почитувани новинари,
Вчера, овде во Собранието повторно бевме сведоци на обиди за блокади, за деструкции од страна на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ вчера се дрзна повторно да блокира важни закони за граѓаните, а еден од нив беше и законското решение со кое глобите за инвалидските организации се намалуваат, а истовремено се воведува и опомена пред казна. Цел ден зборуваа буквално за се, освен за Законот, освен за тоа дека казните ќе се намалат и ќе се вовоеде опомена пред казна.
Ете толку ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните, толку мисли на ранливите категории.
Слично вака се однесуваа и за носење на Буџетот за 2021 година. Ја напуштија салата мислејќи дека нема кворум, дека Буџетот за следната година нема да може да го донесеме.
ВМРО-ДПМНЕ но и Алтернатива Алијанса и Левица беа подготвени да ја остават државата со времено финансирање.
Опозицијата беше спремна да го загрози исплаќањето на субвенции за земјоделците, исплатата на детскиот и образовен додаток, зголемувањето на платите за лекарите, исплатата на месечниот надоместок за стечајните работници. Сето ова беше под закана од страна на неодговорната опозиција.
И наместо да ја научат лекцијата, вчера опозициските пратеници продолжија со блокади и деструкции. И не само што не се засрамија, туку и јавно се фалат со нивните блокади на важни закони.
Тоа не само што е неодговорно, туку е и навредливо кон граѓаните чии претставници сме.
Опозицијата во Собранието продолжува да работи против интересите на сопствената држава и сопствените граѓани.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шест пати губат на избори и никако да ја научат лекцијата од граѓаните дека народот не сака блокади. Освен блокади друго не знаат. Толку можат, толку знаат Мицкоски и ова ВМРО-ДПМНЕ.
Но колку и да се обидуваат, нема да успеат да ги закочат реформите што се во интерес на граѓаните. Нивните блокади, нивните деструкции повторно ќе бидат поразени.