Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Инвестициите во развој и унапредување на инфраструктурата се еден од десетте приоритети во „Акција 21“ со која европските стандарди ги носиме дома.
Тоа се потврдува и со Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски кој е развоен и во него огромен дел од проектираните средства или 83 проценти се наменети за капитални проекти.
Таквиот буџет треба да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.
Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8, пругата кон Бугарија во втората и третата фаза во вредност од 600 милиони евра.
Само во северо-источниот и источниот регион реализираме инвестиции од над 80 милиони евра, се вложува во изградба на патната инфраструктура како никогаш досега.
Обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализациски и водоводни мрежи во општините.
За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење.
Покрај тоа, со 35 милиони евра, средства добиени преку пренамена од ТАВ, ќе се финансираат 99 локални проекти во 75 општини.
Во следната година, посебно внимание ќе посветиме на навремената реализација на капиталните проекти или на одделни фази од нив за оние долгорочни капитални проекти.
За таа цел, на централно ниво, под координација на министерот за финансии, ќе се формира меѓуресорско тело за надгледување и реализација на капиталните проекти со цел да се зголеми степенот на реализација на капиталните проекти.
Почитувани,
Во изминатите три години покажавме како е да се работи чесно, домаќински и одговорно, како се гради по план.
Развојот и инвестициите во инфраструктурата продолжуваат со засилена динамика. Преку одговорен, отворен и инклузивен пристап продолжуваме со реализација на капитални проекти со кои ја градиме и ја развиваме целата држава.