fbpx

За три години за 50 отсто ги зголемивме месечните примања на војниците и подофицерите, продолжуваме да вложуваме во одбраната

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција, Драган Николиќ, претседател на Комисија за одбрана на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Денеска имам убава можност да ја известам јавноста, а особено припадниците на Армијата, дека Министерството за одбрана предводено од СДСМ, почнувајќи од 01. јануари оваа година, во сетот на веќе исполнети ветувања за вистинска валоризација на напорите и трудот на припадниците на Армијата, придодаде уште едно исполнето ветување.

Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, за припадниците на Армијата утврдено е правото на надоместок при вршење на стражарска служба, дежурства, служба на посебни воени објекти, извршување на задачи во кризна состојба, гранично обезбедување и трупни патувања (теренски вежби, целодневни напорни теренски обуки и слично).

Овој надоместок се исплатува под услови пропишани со правилник, но како што е предвидено, тоа се активности кои траат повеќе од 24 часа, најчесто континуирано и повеќе денови, а начинот на извршување бара зголемен психички и физички напор. Тоа се обврски и активности кои, пред се, ги извршуваат професионалните војници и подофицери, а во помал број офицери.

Кога дојдовме во јуни 2017. година, затекнавме состојба во која пропишаниот надоместок воопшто не се исплаќаше. Претходните десетина години имало подолги периоди во кои надоместокот бил компензиран само со слободни денови. Тоа доведувало до голема отсутност и нарушување на континуитетот во функционирањето на Армијата.

Од јуни 2017.година па наваму, истиот редовно и навремено се исплатува, во пропишаниот износ од 610 денари. Едно од нашите ветувања беше дека трудот, психичкото и физичкото оптоварување при извршување на наведените активности треба да биде и адекватно валоризиран.

Затоа, од 01.јануари 2021.година, дневниот износ на надоместокот, од 610 денари го зголемивме за околу 15%, односно, на 700 денари, а во неработните денови и празничните денови овој износ се зголемува за 20, односно, 30%.

Покрај ова, само за 3 години, обезбедивме три пати зголемување на примањата во Армијата и тоа како за платите така и за надоместоците. Заедно со 8.000 денари за станбено обезбедување, примањата кај војниците и подофицерите се зголемени за 50%.

Платите за сите цивилни лица на служба во Армијата пораснаа за најмалку 26%, а кај воениот персонал имаме зголемување на платите за 16%. И не застануваме тука. Секоја година ќе ги зголемуваме овие износи. Стандардот на припадниците на Армијата и понатаму ќе расте.

Како одговорна партија, продолжуваме силно посветени на реформските процеси во одбраната и на остварување на стратешките одбранбени планови на земјата како полноправна членка на НАТО.

 

Последни вести