Прес конференција, Каролина Дончева – координаторка на Форум на жени на ОО СДСМ Струмица
Почитувани,
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија продолжува со постојано унапредување на земјоделството, подобрување на условите за земјоделците и намалување на нивните трошоци се’ со цел повеќе пари да завршуваат кај секој земјоделец. Градиме силно и конкурентно земјоделство, расте производството и се повеќе пари завршуваат назад кај земјоделците и затоа земјоделските мерки на СДСМ се на прав пат.
Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство и руралниот развој објави оглас на кој жените-земјоделки, до 26 декември, може да се пријават за грант неповратни средства, во висина од 3.000 евра. Целта е да се мотивира и да се обезбеди зајакнување на позицијата на жената во семејното земјоделско стопанство и создавање на поголема додадена вредност во земјоделското производство.
Оваа мерка за финансиска поддршка на жените земјоделки се воведува за првпат, а целта е да се подобри економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени, а со тоа подеднакво да придонесат во развојот на земјоделството.
Почитувани,
Со овие средства може да се набави опрема за постбербени активности за овошје и зеленчук, житарици и мелнички производи, растителни и животински масла, шира и сок од грозје, вино, оцет, маџун, месо и месни производи, млеко и млечни производи, опрема за прием, собирање и чување, сортирање, чистење, миење, сушење, калибрирање на земјоделски производи. Тука е и набавка на опрема за ладење и замрзнување, за сечење, конзервирање, сушење, етикетирање на производи.
Со помош на средствата од оваа мерка може да се набавува и опрема за манипулација, утовар и истовар, ладилници, палети, опрема за мерење и квалитет, опрема за подобрување на стандардите за благосостојба на животните.
Дополнително, преку мерката „Активен женски член во земјоделското домаќинство“, се промовира и директна продажба или продажба од праг. За оваа мерка е подготвен и Правилник за флексибилност за производи од животинско потекло, којшто дава основа за продажба од праг. Со тоа идентитетот и квалитетот на производот којшто го произведуваат жените во руралните подрачја ќе дојде до израз.