Соопштение за јавност
Граѓаните, фирмите, навистина имаат сериозен проблем и ние како Собрание имаме обврска, час поскоро, ден поскоро да им излеземе в пресрет во оваа светска здравствена, а очигледно и економска криза, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, денеска од собраниската говорница.
„Три дена опозицијата покажува наводна загриженост, а денеска овде во Собранието, да каже дека поважни им се пратеничките прашања покажува дека поважни им се пратеничките прашања, отколку помошта за граѓаните. Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски преку статус на Фејсбук повика денеска да се одржи седницата за законите за петтиот пакет мерки, на кој ќе учествуваат и пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му кажале дека денеска има пратенички прашања. Еве денеска, кога има пратенички прашања пратениците на ВМРО-ДПМНЕ велат да не се одржи седница на која ќе се донесат овие закони, за што поскоро да им помогнеме на граѓаните и на компаниите“ посочи Митрески.
Митрески истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се однесуваше деструктивно и кога се носеше Буџетот за 2021 година и правеше се тој да не биде донесен, а државата да мора да функционира преку времено финансирање.
„Оваа ваша наводна грижа за граѓаните, ќе беше вистинска, ако не излеговте и не ја напуштивте седницата кога се носеше Буџетот за 2021 година. Тогаш, од надвор броевте дали има мнозинство на пратеници и ако нема, Буџетот да не биде донесен, за да имаме држава со времено финансирање. Времено финансирање значи само исплата на плати, времено финансирање значи дека нема помош за граѓани и компании кои се погодени од кризата. Тогаш избегавте од салата за да направите криза“ порача Митрески.
Митрески посочи дека парламентарното мнозинство е стабилно и тоа се докажало и со гласањето на доверба на Владата.
„Болката за мнозинството и тоа довикување „Готови сте“ може да си го кажувате по штабовите за да го храбрите членството. Имаше гласање за доверба на Влада и се пребоивме и видовме. Тогаш ја напуштивте салата и беше и страв да влезете внатре“ додаде Митрески.