Прес конференција, Драган Николиќ, претседател на Комисија за одбрана на СДСМ
Почитувани,
Од доаѓањето на власт, СДСМ целосно се посвети на подигнување на стандардот на вработените во одбраната. Посебен акцент го посветивме на зголемување на финансиските примања во Армијата, како за воениот персонал, офицерите, подофицерите и професионалните војници, така и за цивилните лица на служба во Армијата. Исто така, водевме сметка и за административните службеници.
Се грижиме за одбраната.
Зголемување на финансиските примања во одбраната ги обезбедивме со неколку пристапи и низ неколку временски периоди. Имено, почнувајќи од 01.06.2017.година со превземањето на власта па се до денеска ги покачивме основните плати за припадниците на Армијата за 16%. Првото зголемување од 10% го обезбедивме од 01.01.2018.година, а второто зголемување од дополнителни 5% го обезбедивме почнувајќи од 01.09.2019.година. Со овие зголемувања обезбедивме значителен пораст на основните плати, имајќи во предвид фактот што претходно платите на вработените во Армијата беа повеќе години наназад замрзнати.
Колку за илустрација, овие движења ќе ги покажам низ конкретни примери:
Ако на пример, просечната нето плата за категоријата на високи воени лица, офицери, со чин потполковник, која што е и најбројна категорија, изнесувала околу 36.000 денари месечно или околу 585 евра со состојба на 01.06.2017.година, со двократното покачување во изминатиот период од само 27 месеци, сега истиот тој износ како основна плата е околу 41.700 денари месечно, односно, околу 680 евра. Ова е состојба на 01.10.2019.година. Разликата изнесува околу 100 евра.
Фактичката состојба кај подофицерите кажува дека и во таа категорија имаме значителен пораст на платите за само две години. Ако просечната нето плата за категоријата воени лица, подофицери, со чин главен наредник, изнесувала околу 27.000 денари месечно или околу 440 евра со состојба 01.06.2017.година, со нашата посветеност и одлука, овие воени лица денеска како основни финансиски примања имаат околу 31.000 денари месечно или нешто над 500 евра.
Кај најмногубројната категорија воени лица на служба во Армијата, професионалните војници, просечната нето плата со состојба 01.06.2017.година изнесувала околу 22.500 денари месечно или околу 370 евра. Денеска, со дополнителните одвојувања од буџетот, нето платите на професионалните војници изнесуваат во просек околу 26.000 денари месечно или околу 430 евра.
Сакам да напоменам дека и кај цивилните лица на служба во Армијата е реализирано зголемување на платите. Колку за пример, ако највисоката категорија цивилни лица со високо образование во Армијата имале нето плата со состојба на 01.06.2017.година во износ од околу 35.000 денари на месечно ниво или околу 570 евра, денеска, нето износот на нивните примања со двократното покачување изнесува околу 40.000 денари месечно или околу 650 евра.
Категоријата цивилни лица на служба во Армијата имаат покачување во апсолутен износ од околу 3.000 денари месечно или нешто под 50 евра.
Ова претставува само еден сегмент во делот на зголемувањето на финансиските примања на припадниците на Армијата. Заради утврдените недоследности и неисполнување на законското право на плата на припадниците на Армијата кои што се упатуваат во мировна или хуманитарна мисија надвор од територијата на Републиката, преку усвојување на нова методологија успеавме да ја исправиме оваа неправда со доследна примена на законските одредби.
Така на пример, примањата на мировниците се базираат на основна плата и додаток на плата за степен на образование. Вториот елемент ги претставуваат надоместоците што ги следуваат припадниците на Армијата во мисија по неколку основи: за учество во мисијата, за вршење на задачи во отежнати услови за работа – ризик и за извршување на командни должности. Тука имаме и непредвидени трошоци, трошоци за лекување и други потреби.
За сите овие случаи донесовме нов Правилник за утврдување на надоместоци, а следствено на овој подзаконски акт, донесовме и две други решенија.
Така на пример, ако дополнителните надоместоци за нашите мировници, воени лица, подофицери со чин главен наредник, изнесувале околу 3.240 евра месечно, со измените и дополните кои ги реализиравме, сега оваа категорија воени лица на мисија надвор од територијата на Републиката, има дополнителни надоместоци во износ од околу 3.740 евра месечно или разлика од 500 евра месечно, што значи вкупен износ од околу 3.000 евра за времетраење на мисијата од 6 месеци.
Најголемата разлика се отсликува кај најниската категорија воени лица, професионални војници кои заминуваат на мисија надвор на земјата. Таа разлика сега изнесува околу плус 750 евра месечно или вкупно околу 4.500 евра за времетраење на мисијата од 6 месеци. Тоа се средства кои они дополнително ги имаат како надоместоци за време на мисијата.
Затоа има разлика, затоа сме убедени дека сме на прав пат. Продолжуваме понатаму.