fbpx

Градоначалникот на Сопиште свесно го кочи проектот за водоснабдување финансиран од Владата предводена од СДСМ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми, Далибор Богдановски, претседател на ОО СДСМ Сопиште

Почитувани медиуми, почитувани граѓани,

Иако живееме на само неколку километри од Скопје, жителитe на општина Сопиште, за жал, поради неспособноста на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Стефче Трпковски немаат вода за пиење.

Особено во летниот период водоснабдувањето е горчлив проблем во општината, тој проблем е повеќе од алармантен за нашите сограѓани од Патишка река, Јаболце, Нова Брезница, Чифлик, Света Петка, Барово, Говрлево, Долно и Горно Соње, Добри дол и Ракотинци.

Граѓаните од оваа општина, поради неспособноста на градоначалникот се препуштени сами на себе во 21 век да решаваат елементарни проблеми со купување на техничка вода од цистерни за хигиена и вода за пиење.

Притоа, за да се донесе таа техничка вода во домовите, неопходни се хидрофори, кои престануваат да работат при прекин на електрична енергија.

Во Долно Соње има три селски чешми, кои жителите ги користат за полнење вода, притоа никој не знае дали водата е бактериолошки исправна. Поради ова жителите се изложени и на чести бактериски заболувања.

Ги прашуваме локалните власти, дали некој ги запознал нашите жители со ова, иако знаеме дека на ниту една селска чешма нема предупредување дека водата не е за пиење?!

Зошто Општина Сопиште или Месната заедница Долно Соње, која управува со локалниот водовод, нема истакнато дека водата од овие чешми е неисправна?!

Почитувани,

Токму од овие причини, со право нашите сограѓани се прашуваат има ли општина Сопиште градоначалник?
Некој кој е должен согласно закон и надлежности да се грижи за своите сограѓани и да ги решава овие, за многумина, незамисливи проблеми во современото живеење?!

Но, Стефче Трпковски останува глув и слеп за потребите на своите сограѓани.

Поради неговиот игнорантски однос, Владата предводена од СДСМ, со средства од државниот буџет, ќе продолжи со изградба на водоводот Патишка река, кој претставува трајно решавање на водоснабдувањето во општина Сопиште.

Со овој проект опфатен е цевковод во должина 22.362 метри и предвидени се приклучоци кон резервоарите за населените места: Патишка река, Јаболце, Нова Брезница, Чифлик, Света Петка, Барово, Говрлево, Долно и Горно Соње, Добри дол и Ракотинци.

Притоа, 70% се веќе реализирани, односно од вкупно 22 километри за изградба остануваат уште 8 км.

За жал актуелниот градоначалник бесрамно лажејќи ги своите сограѓани толку безобзирно, што и самиот се заплетка во своите лаги, наведувајќи се дека поради коронакризата не се гради и дека поради недостаток на финансиски средства реализацијата на водоводот е прекината.

Ова почитувани граѓани е целосна дезинформација!

Прво, доказ дека во корона продолжија да се реализираат капиталните проекти е регионалниот пат кој го направи Јавното претпријатие за државни патишта, а кој ги поврза Долно Соње со општината!

Второ, одговорно тврдам дека Владата има обезбедено финансиски средства за реализација на овој проект од круцијална важност за жителите на општина Сопиште.

Она што недостига е еден документ кој градоначалникот бил должен да го приложи до Владата, согласно процедурите, поточно до Министерството за транспорт и врски, за реализацијата да продолжи.

А тој тоа не го стори! Зошто?
За повторно да ги лаже своите сограѓани дека доколку државата не продолжи да го финансира, тогаш општината ќе го доврши, а притоа не верува дека до крај на мандатот тоа ќе се случи.

Јавно го прашуваме градоначалникот на Општина Сопиште, зошто чека и до кога мисли да ги замајува своите сограѓани со лаги и дезинформации?

Почитувани граѓани,

Ова треба да биде јасна порака зошто повеќе никогаш ВМРО-ДПМНЕ не смее да раководи со оваа општина и токму затоа на изборите наесен ги чека голем пораз.

Последни вести