Одговори на новинарски прашања, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ
П1: Денеска од страна на МВР, јас и редакцијата на Инфомакс сме прогласени за безбедносен ризик, минатата недела добивме кривична пријава дека сме решиле да објавиме вистина, не ме поканувате на вашите партиски пресови, исто се случува и во Владата, кога ве критикуваме и ве прашуваме да ни одговорите ни враќате со цензура, од сега ќе почнеме да ве фалиме, и ве прашуваме дали СДСМ има стратегија за заштита на белите мечки?
Државата е на прав пат, и да се вратиме назад во мракот 11 години во коишто се тепаа студенти, новинарки, се вршеше упади во телевизии, медиуми, се вршеше невидена тортура и никој не смееше да зборува јавно и да си го каже својот глас. Денес, после само две години оваа наша Република Северна Македонија е на многу вистинскиот пат, денес, СДСМ се грижи за граѓаните, води одговорни, а не популистички политики, ги решава најтешките проблеми коишто се наследени од минатото и води грижа за секој денар собран од граѓаните. Водиме вистински, одмерени политики коишто се во функција на сите граѓани и притоа целосно поддржуваме секаков начин на слобода и на изразување, и на слобода на говор.
П2: Овој ребрендинг што го правите, истото се случува и во опозицијата, се отвора ли со тоа простор за одржување на предвремени парламентарни избори пред октомври следната година, и дали се ова оди во насока на тоа?
СДСМ е подготвен во секое време за избори и ова не е изборна кампања. За мене ова темпо на работа на партијата коешто се поклопува со активностите којшто ги преземам од првиот ден како генерален секретар којшто професионално е ангажиран тука, сметам дека тоа се редовни активности на сериозна и одговорна политичка партија којашто работи во функција и во интерес на сите. Ние целосно ќе бидеме посветени како и во периодот на летото одржавме 560 маалски и урбани средби, тоа, сега гледаме почнува во рамките на опозицијата. Ние многу пред тоа започнавме и продолжуваме со редовен контакт на нашите функционери со граѓаните, тоа е согласно со етичкиот кодекс на партијата, согласно со новиот систем на работа. Ние направивме пресек на сето она што го имаме исполнето, реализирано од нашата изборна кампања од изборните кампањи на нашите тогаш кандидати за градоначалници, односно на целокупниот капацитет на одговорноста којашто ја имаме и затоа сметаме дека секојдневно треба да бидеме во контакт со граѓаните, да ги информираме за сето она што е реализирано, да ги слушнеме идеите, предлозите и сугестиите. СДСМ во текот на летото ги екипираше сите партиски комисии со 160 стручни лица кои ќе бидат дел од оваа кампања на прав пат, кои ќе бидат поделени по различи области, во различни потсектори и коишто ќе треба да ги апсорбираат сите предлози и идеи, и коментари од граѓаните коишто ќе бидат вградени во новата програма којашто треба да следи, но и коiшто може да се имплементираат до крајот на мандатот. Како што кажав интензитетот на активности на партијата ќе биде силен, ќе бидеме брзи во тој правец, поставивме еден систем на делување во којшто ги мобилизираме сите наши капацитети, сите функционери се со цел да одговориме на потребите на граѓаните. Сметам дека заокружуваме еден сериозен процес, интегративен како што кажав, земјата беше изолирана пред само две години, денеска е најсветлиот пример, за којшто не само ние, туку зборуваат сите светски лидери, и тоа ни го кажуваат и тука и надвор. Жалам што постојани се обидите на опозицијата да не кочи за во НАТО и ЕУ, да ги кочи растот на платите и сето она што е добро за граѓаните, затоа воопшто нема ниту да ги коментирам, туку ќе бидам целосно фокусиран на системот на СДСМ коишто е систем пред се за исполнување на потребите на граѓаните. Партијата ќе биде спремна во било кој момент за избори во којшто знам дека ќе ја донесе најсилната победа, и во тоа сме убедени. Но, оставаме можност понатаму пред се наша цел е придобивките и бенефитите од членството во НАТО, од интегративните процеси, од сите мерки и политики граѓаните да ги видат во реалниот живот и убедени сме дека тоа ќе се случи и затоа сметаме дека најдобриот тајминг е октомври 2020 година, бидејќи го имаме Законот за попис којшто има свој останати импликации во овој дел за 2020 година, отворено е прашањето за изборниот модел, така ние како најголема политичка структура и најголема коалиција како и досега, во наредниот период многу поинтензивно ќе бидеме со граѓаните без оглед дали следат или не следат брзи или редовни парламентарни избори.
П3: Што значи дека не се исклучува можноста и на пролет да има избори?
Ние сме целосно подготвени и овој систем на функционирање ќе биде целосно подготвен да одговори на сите потреби на граѓаните, затоа сум сигурен дека во било кој еден момент да има избори, ние сме целосно подготвени, но пред се е интересот на целата земја и интересот на граѓаните во тој поглед.
П4: Со оглед дека не одговоривте за белите мечки и исто така кажавте лажни вести ме интересира дали на правиот пат има вселенска програма?
Поради тоа што си земате за право да обвинувате и да етикетирате со тоа кој лиферува лажни вести, си земам за право да не ви одговарам на прашањето и на било кое наредно прашање од ваша страна.