Прес конференција, Венерка Ристовска – портпарол на ОО СДСМ Струмица
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите
Нашава земја е претворена во едно големо градилиште на патишта на разни патни правци. Едноставно, не постои регион во државава каде што не се изведуваат градежни активности на патната инфраструктура. Република Северна Македонија со сабрзано темпо се претвора во земја која се одликува со современи патишта, како што доликува на една држава која наскоро ќе стане членка на НАТО и земја – сериозен претендент за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.
Еден од ангажманите на Владата предводена од СДСМ и на Министерството за транспорт и врски, е и рехабилитацијата на патот Струмица – Ново Село, патен правец кој ќе добие лик каков што заслужува, со оглед на фактот дека истиот има меѓународно значење. Инвестицијата за рехабилитација на овој патен правец изнесува 1,8 милиони евра, а бенефитите од оваа активност се повеќезначајни. Од една страна тука е поголемата безбедност во сообраќајот, преку отворање на можности за интензивирање на економската соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија, особено на двата погранични региона, па се до прогрес во сите сегменти на Струмица и струмичкиот регион.
Ако на тоа се додаде и најавата за изградба на експресен пат од Струмица до границата со Република Бугарија, тогаш може само да се претпостави, каков напредок ќе овозможи новото современо патно поврзување.
Со еден збор, СДСМ како локомотива на Владата, постојано граби напред за непречен растеж на земјава и нејзините граѓани. Така се почитува ветениот збор. Така се сака татковината.