Изјава за медиуми
Стево Пендаровски, заеднички кандидат за претседател
Скопје, 22.04.2019
Почитувани граѓани,
Сакам уште еднаш да се заблагодарам на сите оние кои вчера достоинствено и демократски излегоа на гласање. Очекувам убедлива и недвосмислена победа во вториот круг и кончено Македонија да добие претседател на сите граѓани.
Задоволен сум дека во првиот круг мнозинството граѓани гласаа за напредна и европска Македонија. Гласаа за заедништво, за напредок и сигурна иднина.Ги разбирам и граѓаните кои решија да не излезат на гласање и на тој начин да упатат порака. Тоа е нивно право и верувам дека пораката од страна на политичарите е примена.
Но, јас сум убеден дека најголем дел од нив даваат поддршка за европската иднина на нашата земја. Би сакал да им порачам дека на 5 мај е последниот датум кога ќе можат да ја потврдат оваа нивна заложба и да ја обезбедат својата иднина. И убеден сум дека за две недели ќе излезат и ќе гласаат за мене и за политичката опција која ја претставувам и на тој начин одговорно ќе ја поведат земјата напред.
Би сакал исто така да им се обратам директно и на оние граѓани кои гласаа за господинот Блерим Река. Од нив ја очекувам поддршката за вториот круг и ги повикувам масовно да излезат на гласање. Знам дека тие ја поддржуваат во огромен број мојата визија за европска и интегрирана Македонија, наспроти ревизијата на се што постигнавме и блокадите кои ги најавува Сиљановска. Ги повикувам да излезат и да гласаат по свое убедување онака како што мислат и веруваат дека е правилно. Од нивниот глас зависи каков курс ќе заземе нашата земја по 5 мај.
Од денес ја продолжувам мојата кампања до конечна победа. На 5 мај ни е потребна максимална политичка, граѓанска мобилизација и поддршка за концептот кој ја води оваа земја напред. Продолжувам уште посилно на терен да се сретнам со што повеќе граѓани и да ја пренесам пораката дека 5 мај е последниот датум за да избегнеме нови поделби, нови блокади и застој на патот кон ЕУ.