Изјава за медиуми, Драгана Змејкоска, секретар на СДММ Сопиште
Актуелниот градоначалник на општина Сопиште, Стефче Трпковски, ги прави последните криминални договори за да си обезбеди дополнителен постојан извор на приходи, и тоа 100-тина дена пред да ја напушти градската фотелја која требаше да му послужи да биде татко на општината, а не бизнисмен кој ќе склучува штетни договори.
Овој пат „изворчето“ го најде во повеќенаменското игралиште, кое во 2012 на големи ѕвона беше промовирано од неговата режимска партија, а за која Агенцијата за млади и спорт и Владата издвоија десетина милиони денари, давајќи го на управување на локалните власти.
И токму локалната власт од истата режимска партија, непосредно пред заминување, склучува договор со т.н. Здружение за заштита и унапредување на животната средина ЕКО ГРАНД, на која ѝ ги дава на управување и користење спортските терени во с.Сопиште, на место викано Јанковец, без никаква надокнада кон општината, и тоа во времетраење од четири години со можност за продолжување на договорот. И како тоа да не е доволно, ами Трпковски ставил во договорот во име на сите нас, токму на ова здружение да МОРА му се даде предност, доколку по завршување на овој договор се појават и други заинтересирани субјекти или дури и општината да сака да си го врати во владение игралиштето.
Меѓу бенефитите кои ги добива ова здружение е закажувањето термини за користење на терените од страна на правни и физички лица, кои за тоа ќе плаќаат надомест. Па нели игралиштето е направено за младите од Сопиште да имаат свое врталиште и место за рекреација? Каков надомест тогаш барате да платат родителите на истите тие деца за да спортуваат на него? Притоа, надоместот кој се бара е без конкретен тарифник, туку во вид на т.н. донации.
Зошто токму донации? Затоа што се тие најчистиот начин да се соберат средства, а никој да не ја знае конкретно исплатената сума. Која е обврската на Здружението кое „лапа“ еден ваков колач финансиран од државата за добробит на населението?! Е т.н. Здружение ќе треба да одреди само паркинг место за посетители и да постави корпи за отпад. Толку! Нели е тоа обврска на општината? Очигледно за Трпковски не е, но затоа пак потрошената електрична енергија и водоснабдувањето тој шерифски ги презема како обврски на Општината, а ја става на располагање и општинската механизација за уредување на просторот до терените за фудбал и тениското игралиште. Иронично! ЕКО ГРАНД ќе газдува, а општината ќе му дава ресурси и ќе му ги плаќа сметките!
Истиот тој Трпковски, кој неодамна, по бројните реакции на жителите на Сопиште во дневните весници, дека игралиштето и просторот околу него прераснаа во депонија, а не во место за играње на нивните деца, ги уверуваше медиумите дека редовно се грижи за хигиената преку ЈКП Сопиште, а за состојбата ги обвини несовесните граѓани од општината, со овој договор покажува колку е неспособен да си го среди сопствениот двор. Во склучениот договор, тој се обврзува заедно со ЕКО ГРАНД да си помагаат во наводното расчистување на овие депонии. Како тоа „да си помагаат“, без притоа да се знае точно кој каква обврска презема и кој плаќа пенали доколку не ја изврши? Чија обврска се депониите? На некое си Здружение или на Општината, во чии рамки постои комунално претпријатие за чии услуги плаќаат жителите на Сопиште? И, зошто некој, кој со договор има само права, но не и обврски би го засегала нечистотијата во општината и благосостојбата на нејзините жители?
И уште нешто: во договорот стои дека доколку случајно дојде до предвремено одземање на спортските терени порано од предвидениот временски период од 4 години, згора на сѐ Општина Сопиште е таа која се обврзува да плати надомест на ЕКО ГРАНД за инвестираните средства за одржување на просторот.
Ова е уште еден очајнички обид на градоначалникот во заминување, Стефче Трпковски, по бесрамната распродажба на земјиштето во општината, да си создаде ново изворче за приходи. А притоа да стави потпис и печат на предвреме злоупотребената идна општинска власт, која ќе биде приморана да го спроведе овој негов бизнис договор. А кога ќе заврши правниот основ на договорот, дури и да не е задоволна од новиот газда на игралиштето, Општина Сопиште согласно договорот ќе мора да му даде предност повторно нему. Во спротивно, ќе плаќа пенали за туѓа бизнис зделка. На чија штета? Секако, на Сопиштани! Тие ем ќе го загубат овој нивен долгоочекуван спортски простор наменет за користење на сите граѓани за спортување, рекреирање и за натпреварување, ем ќе мора да плаќаат за негово користење.