Прес-конференција на СДСМ, Димитар Ковачевски, член на Извршен одбор на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани медиуми
Уште една добра, убава вест за македонските компании: од овој месец можат да учествуваат на јавните тендери на НАТО.
Годишниот буџет за којшто може да конкурираат македонските компании е околу 5 милијарди евра.
Законските измени се веќе направени и стапени на сила за оваа нова, огромна можност за македонските компании.
Членството во НАТО делува како катализатор за подобрување на економските потенцијали на земјите членки.
Вистинските политики отвораат перспектива а вистинските економски политики носат повеќе пари и подобар стандард за граѓаните.
Дека реализираме добри економски политики и мерки покажуваат сите економски показатели и параметри.
Извозот на стоки од Република Северна Македонија во првите шест месеци од годинава бележи раст од 39,1%, во однос на истиот период лани. Извезени се стоки во вредност од 3,4 милијарди евра.
Дури и во криза, просечната плата континуирано расте и достигна 28.721 денари. Ова е особено важно за подобрување на економскиот стандард на нашиот народ.
Невработеноста успеавме драстично да ја намалиме на историски најсниски 16%, иако имаше сериозни предизвици предизвикани од последиците на здравствена криза.
Токму оваа 2021 година, индустриските зони бележат рекордна активност највисока во изминативе дваесет години.
Пакетите на антикризни мерки ја одржаа стабилноста на најпогодените во време на здравствена и економска непогода и овозможија брзо да се создадат услови за закрепнување и развој.
Бележиме за над 20% повисоки наплатени приходи споредено со минатата година.
Сите овие бројки, овие економски показатели водат до заклучок дека Владата на СДСМ има добро осмислена економска политика и мерките кои се реализираат даваат конкретен резултат.
Буџетот е ликвиден, пред две недели државата се раздолжи за 500 милиони евра за еврообрзницата, која минатата власт ја зеде со превисоки камати, а ги трошеше за најнепродуктивни цели.
Инвестираме во човечкиот капитал наместо во споменици. Повеќе не се трошат народните пари на неразумни скулптури, жални врби и барок туку во вистински економски политики и мерки кои носат повеќе пари кај граѓаните, кај компаниите и подобар животен стандард.
Како одговорна партија која се грижи за граѓаните, СДСМ продолжува со реализација на економската програма во интерес на граѓаните, фирмите, во интерес на сите.