Изјава за медиуми, Стефан Васев од СДСМ
Почитувани,
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на претстојните локални избори, пред граѓаните нудат стари, препознаени кадри од времето на режимот на Никола Груевски и со таквата понуда ги потценуваат граѓаните.
Со оваа нивна понуда, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека во нивната партија нема ништо ново. Кадри кои биле носители на државни функции, а сега Мицкоски ги претставува како нови лица пред граѓаните.
Но, во понудата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ има и лица за кои постојат сомневања дека сториле кривични дела, а има и такви со судски пресуди.
Во медиумите се појавија написи за сомнителното минато на кандидатот за градоначалник во Гази Баба, Бобан Стефковски. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да одговорат дали е точно дека Стефковски, во 2002 и 2003 во два наврати бил притворан заради неовластено производство на опојни дроги и психотропни супстанци?
Истовремено, за кандидатката за градоначалник на општина Крушево, Билјана Проеска, во јавноста постојат документи според кои е осудувана во 2015 година на условна казна затвор заради фалсификување исправа.
Пресуда со условна казна за учество во тепачка има и за кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски.
Ова почитувани е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ предводена Мицкоски не е поместена ниту милиметар од режимско – насилничката матрица.
Со ваква понуда на лица кои во најмала рака имаат проблематично минато, со ваков потценувачки однос кон сопствените граѓани, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги очекува нов пораз и во Гази Баба и во Крушево и во Бутел, но и низ целата држава.
Граѓаните не сакаат осудени лица, лица кои имале проблеми со законот, да ги водат нивните општини, граѓаните се против враќање во режим и насилство.
Граѓаните и на овие избори ќе застанат зад концептот на СДСМ и коалицијата, затоа што знаат дека само така можно е да продолжи напредокот и развојот на државата и општините.
Ви благодарам