Прес-конференција на СДСМ, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Остварен е сериозен напредок во борбата против криминалот и корупцијата.
Потврда за тоа е и Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнл каде Република Северна Македонија има напредок од 24 места.
Се наоѓаме на 87 место, во 2020 година бевме рангирани на 111.
За 2021 година Северна Македонија има 39 индексни поени, додека во 2020 тој скор бил 35.
Ова е најдобро рангирање на нашата држава во последните шест години.
Во однос на регионот исто така имаме најголем напредок, а на листата на Транспаренси зад нас се Србија, Албанија, Босна и Херцеговина.
Во Извештајот на Транспаренси јасно се наведува дека гонењето функционери од власта е една од причините за напредок во борбата против корупцијата.
„Државата презеде чекори за кривично гонење на високи функционери за корупција и зајакнување на независните надзорни институции.“ стои во Извештајот.
Позитивно е оценето усвојувањето на агенда и акционен план против корупцијата, развиен во консултација со граѓанското општество – кој вклучуваше експлицитни мерки за борба против организираниот криминал, реформи во изборите и правосудниот систем, како и справување со непотизмот влијанието во практиките за вработување на јавни места.
Ова почитувани, е показател за успешноста на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ пред се успешната реализација на Планот за борба против корупцијата и реформите во правосудството.
Продолжува процесот на реформи преку дигитализација на процесите за исклучување на човечкиот фактор во процесите, реформа на правосудството, зголемување на професионализацијата на институциите и јакнење на интегритетот на носителите на јавните функции.
Како одговорна, државотворна партија, преку Владата и институциите што ги предводиме остануваме посветени на бескомпромисна и неселективна борба против секаков вид на корупција и криминал.
Ви благодарам