Прес-конференција, Снежана Калеска -Ванчева, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Со цел што полесно да се помине најтешката зима на енергетски план, Министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима.
Овој план е со цел потрошувачката на електрична енергија да се намали за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година, првенствено за да се намалата трошоците за струја, а потоа и електричната енергија да биде достапна секому и секогаш.
Електрична енергија оваа зима ќе има доволно, но од секој од нас зависи како и за што таа ќе се користи.
И понатаму потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ќе се задоволуваат исклучиво од наше сопствено домашно производство, без увоз на струја.
АД ЕСМ во првите седум месеци од 2022 година произведе за 15 проценти повеќе електрична енергија во однос на истиот период лани.
Зголеменото производство се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40 отсто, додека целиот план за производство за 2022 година е направен со 20 отсто.
Но и покрај, ова важно е сите, од јавните установи и институции, преку приватните компании, па се до домаќинствата да ја намалат потрошувачката на електрична енергија.
Јавните институции и државни претпријатија добија задолженија за намалување на потрошувачката на електричната енергија во периодот од први септември до 31 март 2023 година.
Дел од задолженијата се:
Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици.
Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина.
Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.
Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период после работно време.
Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во работните простории.
Дополнително, се задолжуваат сите институции на централно ниво од редот на своите вработени да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено по завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 % споредено со истиот месец од минатата година.
Во Планот, слични насоки, но само како препораки се однесуваат и на приватните компании и домаќинствата.
Со почитување на овие задолженија и препораки ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, ќе се намалат сметките за струја и нема да дојде до загрозување на редовното снабдување на електричната енергија.
Затоа, сите да се водиме од овие препораки во периодот што селдува.