Прес конференција, Моника Грашеска Илиеска – Советник во Советот на Општина Прилеп
Почитувани,
Во режија на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, денеска во општинскиот Совет на повидок е да се случи најголемата пљачка на граѓаните на Прилеп во поновата историја на градот.
Немајќи елементарни познавања за успешно менаџирање на општинските јавни претпријатија, без желба и намера да работат во корист на општиот интерес, партиските директори на „Водовод и канализација“, „Комуналец“ и Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, излезот од хаосот го најдоа во удирање по џебот на граѓаните.
Од први октомври поскапуваат водата за пиење и надоместокот за прочистување на отпадните води. Драстично поскапува собирањето на отпадот и одржувањето на гробните места. Поскапува јавниот градски превоз и школскиот превоз на учениците и наставниците.
Недомаќинското работење, енормното вработување на функционери на ДПМНЕ и на нивни блиски роднини и пријатели, се единствената причина која јавните претпријатија ги доведе пред финансиски колапс.
Преку поднесување на амандмани, дискусии и употреба на други форми кои согласно законите и Деловникот за работа на Советот на општина Прилеп ни стојат на располагање, советничката група на СДСМ и Коалицијата ќе направи се’ за да го спречи поскапувањето на услугите на јавните претпријатие.
Во насока на заштита на стандардот на нашите сограѓани, ги повикувам советниците на ВМРО-ДПМНЕ да ги надминат теснопартиските интереси, да покажат личен интегритет и одговорност и да гласаат против предлог-одлуките за зголемување на цените на услугите на трите јавни претпријатија.
Тоа, впрочем, беше дел од изборната Програма на нивниот кандидат а сегашен градоначалник, Борче Јовчески, во која на прилепчани им ветија намалување, а не зголемување на цените на комуналните услуги.
Истовремено, во интерес на вистината, ги повикувам граѓаните преку фејсбук страната на Општина Прилеп да ја проследат денешната седница на Совет и самите да се уверат за тоа кој работи за, а кој против нивниот интерес.
Ви благодарам.