Прес-конференција, Гоце Георгиевски, Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Владата предводени од СДСМ и надлежното министерство преземаат навремени и ефикасни мерки за стабилизирање и унапредување на домашното земјоделско производство.
Навремено и пред почетокот на негативните последици од светската економска криза, презедовме конкретни мерки и го донесовме Националниот план за производство на храна, за да го зголемиме домашното производство.
Преку интервентниот фонд ги помогнавме производителите на житни култури во набавката на вештачко ѓубриво и досега оваа мерка ја искористиле 6.815 корисници за кои е исплатена поддршка од 112,9 милиони денари.
Со цел поддршката за земјоделците да стане уште поефикасна и уште понавремена, Владата предводена од СДСМ пристапи кон нов модел на субвенционирање, кој ќе започне следната година.
Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов поефикасен систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство.
Создаваме организиран систем каде ги ставаме сите чинители, намалувајќи ја можноста за плаќање во готово, спречувајќи ја сивата економија, односно систем кои има зголемен обем на контроли и кој гарантира поголемо производство на домашна храна.
Во пракса тоа би значело дека земјоделците преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството би добивале основна субвенција која би се исплаќала авансно, а ќе биде наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба.
Оваа субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, посее едногодишна култура или одржува траен насад, поднесе барање и воедно ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство.
Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството.
Дополнителната субвенција ќе следува за стратешки утврдените култури и производи и таа ќе е врзана со остварен принос, но и со предавање на своето производство во регистрирани домашни капацитети или ако своето производство го искористат за сопствено производство на финален производ.
Ова, во никој случај не значи кратење на субвенциите, туку ставање на македонското земјоделство на европски патеки.
Во меѓувреме продолжуваат и другите видови на поддршка за земјоделците, како грантовите за „Млад земјоделец“ и „Рурална жена“, поддршка за малите семејни винарии, како и финансиска помош за земјоделските задруги.
Во време на најголема светска економска криза, наш приоритет е зголемување на домашното производство на храна, и силна, навремена и ефикасна поддршка на домашните земјоделци.
Продолжуваме со грижа за сите граѓани.
Ви благодарам.