Прес-конференција, Марина Андева, претседателка на Комисија за образование на СДСМ
Почитувани наставници,
Дозволете ми на почетокот на моето излагање да ви го честитам Светскиот ден на учителот, 5 октомври, во име на Комисијата за образование на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, и од мое лично име.
Наставниците се учителите на нашите деца, на нашето потомство. Вие, наставниците, ја имате најубавата, најблагородната и најодговорната професија што подразбира посветеност и пожртвуваност со цел квалитетно и континуирано образование на нашите деца. Младата личност се развива во возрасна, одговорна индивидуа токму заради вашата посветеност. Вие сте ментори, пријатели, воспитувачи и дел од семејството на секое дете.
Секојдневно се соочувате со голем број предизвици меѓу кои и лажните вести, дезинформации и шпекулации поврзани со вашата работа и образовниот процес. Но, бидете и понатаму одговорни и доследни и продолжете на учениците да им ја пренесувате способноста да пишуваат и комуницираат со разбирање на информациите, но и да создаваат критичко мислење, да проценуваат како информациите се создадени и со која цел.
Вашата професија треба да се негува, да се чува и почитува. Затоа наставниците треба да бидат соодветно мотивирани и вреднувани. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во своето делување се залага за вложување во професионалниот развој и пријатна работна средина на наставниците. Се инвестира во подобрени услови за настава и континуирани обуки. Со укинувањето на екстерното тестирање ги ослободивме наставниците од стресни ситуации кои во голема мера влијаеја на нивната работна средина. Укинувајќи го хартиениот дневник, се намали педагошката администрација и со тоа овозможивме повеќе време на наставниците за креирање на успешни наставни часови. Обезбедивме со закон кариерно напредување и зголемување на коефициентот на плати, а со тоа се обезбеди квалитетно менторирање на новите наставници-приправници.
Се подготви и целосно поддржи од страна на СДСМ нов Закон за наставници и стручни соработници во основното и средното образование уште во 2021 година, но оттогаш ДПМНЕ го блокира законскиот текст во собраниска процедура на Комисијата за образование, наука и спорт и со тоа ги остава наставниците и стручните соработници без квалитетен закон со кој се гарантира социјално – економската положба на сите вработени во основното и средното образование.
Платата на наставниот кадар за повеќе од 6 години владеење на СДСМ ја покачивме за 55 %. Наставниците мора да бидат соодветно вреднувани за својата одговорна работа, па затоа СДСМ се залага и ќе се залага да се воспостави правилен систем за вреднување.
Продолжуваме со социјален дијалог со репрезентативниот синдикат за образование и наука за Нов колективен договор во кој се воведува регрес за годишен одмор кој наскоро ќе биде потпишан од двете страни.
Во секој нов Буџет се зголемуваат средствата за Буџет за образование, блок- дотации и капитални инвестиции.
СДСМ и понатаму ќе се грижи и залага за наставниците, нивните потреби и ќе работи на адресирање на нивните проблеми и предизвици за што истакнуваме дека е потребна заемна и искрена соработка од сите засегнати страни.
Честит Светски ден на учителот, драги наши наставници, стожер на нашето квалитетно образование!