fbpx

Муцунски потроши половина мандат на фалење со туѓи проекти

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми, Ивана Цветковска, ОО СДСМ Аеродром

Почитувани,

Половина мандат Тимчо Муцунски потроши на фалење со туѓи проекти. Иако наследи полна општинска каса, освен фалбите со проекти започнати од претходната локална администрација на СДСМ, Муцунски не реализираше речи си ништо од својата програма.

Муцунски се пофали со целосно ново изграденото училиште „Димитар Македонски” во населба Лисиче, започнато од неговиот претходник, во соработка со централната власт на СДСМ.

Не пропушти да се пофали со инклузивното игралиште во ОУ „Љубен Лапе“ и со сензорните соби во училиштата „Блаже Конески“ и „Ѓорѓија Пулевски“ кои како дел од проектот „Биди ИН“ финансиран од Европската унија, ги започна претходниот градоначалник Златко Марин.

Вети 4 градинки во првата половина од мандатот, ниту една не е започната. Затоа не пропушти да се пофали со новиот објект „Црвенкапа“ на градинката „Срничка“, започнат од претходната локална администрација на СДСМ.

За половина мандат не ја ни започна ветената реконструкција на платото позади ТЦ Капитол, ама затоа не пропушти да се пофали со платото позади ТЦ Бисер, проект целосно реализиран од неговиот претходник.

Проектот за енергетска ефикасност на индивидуалните домаќинства во населба Лисиче реализиран во соработка со УНДП е проект на претходната локална власт.

И проектот за поголема енергетска ефикасност преку поставувањето на фотоволтаици на зградите на училиштата е целосно спроведен од претходната локална власт. Со ова се пофали, а енергетскиот фонд за реконструкција на фасадите на зградите во Аеродром, кој вети дека ќе го формира до крајот на 2022 година, никаде го нема.

Ја нема и ветената нова општинска зграда која требаше да ја изгради до крајот на оваа година. За потсетување, иако наследи готов проект за општинска зграда која требаше да биде лоцирана на местото на непостоечкиот парк „Радост“. И паркот се уште го чекаме, а по половина мандат, граѓаните немаат ни парк, ни општинска зграда на таа локација.

Спротивно на тоа, СДСМ во Аеродром во првите две години од мандатот направи многу повеќе.

Отворен беше новиот објект на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче, а готови беа и проектите за изградба на „Црвенкапа“ и „Изворче“ во Стар Аеродром, и проектот за реконструкција на „Пчелка 1“ во Лисиче.

ОУ „Лазо Ангеловски“ доби целосно реконстуиран покрив, реконструирани подови и 30 нови внатрешни врати. Реконструирани беа и подовите на ОУ „Љубен Лапе“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ доби лифт.

Изградени беа улиците „Новопроектирана 8“ меѓу Мичурин и Стар Аеродром, 4 краци на улицата „Пандил Шишков“, „Новопроектирана 3“, кружен тек кај ул „Коста Новаковиќ“ и други.

Реконструирани беа улиците „Тодор Чангов 20“, „Тодор Чангов 49“, „Ѓорѓи Капчев 9“, Улица 4 во Долно лисиче, улица 3 на бул „Трета македонска бригада“, пристапната улица кај ОУ „Љубен Лапе“ и повеќе улици-краци во Горно Лисиче и Мичурин во вкупна должина од над 5 километри.

Изградени беа 2 нови паркиралишта во Ново Лисиче, проширено паркиралиштето на 3 локации до бул. „В.С.Бато“, обновени паркиралишта во близина на градинката „Бамби“ и ОУ „Љубен Лапе“.

ТЦ Лисиче доби ново лед осветлување, реконструирана водоводна и канализациска мрежа добија краците од 1 до 10 во Долно Лисиче и новите краци на ул. „Пандил Шишков“.

Нови паркови беа подигнати во Мичурин, на улица „М.Ш.Шарло“, на улица „Новопроектирана 1“, помеѓу зградите на ул. „Трета македонска бригада“ и помеѓу ул. „Пандил Шишков“ и „Фрањо Клуз“.

Ова е само дел од реализираните проекти во првата половина од мандатот на претходната локална асминистрација предводена од СДСМ. Ќе каже ли некој конечно што направија Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ во првата половина од својот мандат?

И по половина мандат, програмата на Муцунски останува само список на празни ветувања.

Последни вести