fbpx

Филипче: Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е катастрофа за иднината на граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче

Почитувани медиуми, почитувана јавност,

Амбасадорите на државите членки на Европската унија вчера донесоа одлука Албанија да ги продолжи преговорите со Европската унија и да се раздвои од Северна Македонија на патот на евроинтеграциите. Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување во втората фаза на преговорите со ЕУ и отворање на првиот кластер.

Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред се, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива.

Почитувани граѓани,

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?

Сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија.

Почитувани граѓани,

За прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Оваа Влада е Влада без чуство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот.

Почитувани граѓани,

Најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европскиите преговори и спорот со Бугарија. Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од билатерален спорот да го донесеме во рамки на преговорите.

Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати се наназад односно да се отоври повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка на неговата пропаганда.

Јас и понатаму сум убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме. Напротив, ќе добиеме.

Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство.

Ви благодарам.

Последни вести