Соопштение за јавност
Државата не е приватна своина на Мицкоски и нема право да ја блокира иднината на граѓаните, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашната емисија „Само интервју“, телевизија Канал 5. Филипче посочи дека условите што треба да се исполнат за членството во ЕУ се јасни, прецизни и во ниту еден момент не ги загрозуваат националните интереси и идентитетот на државата. Во интервјуто Филипче потенцираше дека се разобличи лагата на ВМРО ДПМНЕ која ја ветуваше во предизборниот период, односно дека ќе обезбедат подобра преговарачки услови.
„ВМРО ДПМНЕ дојде на власт со една би рекол величенствена претстава, една голема лага со која што ветуваше дека ќе ги подобри условите со кои што ние ќе преговараме со ЕУ, дека ќе го подобри францускиот предлог, и сега според кажувањето на Мицкоски, излегува дека ако ова е диктат и дека нема понатаму. Ние не гледаме ниту една иницијатива да се подобрат тие услови за преговарање. Што направи премиерот освен што ги влоши билатералните односи со Грција и со Бугарија после изјавите на вицепремиерот Николовски, поради што сега бугарското Собрание усвојува Декларација во која што кажува дека било која Влада натаму нема да има право да ги смени условите за преговарање“, рече Филипче
При тоа, Филипче посочи дека изјавите на Мицкоски и оправдувањата на неговите ставови во однос на Бугарија, се политички некоректни.
„Станува збор за иднината на државата, станува збор за надежта на луѓето, на граѓаните на едни нови генерации кои што доаѓаат и кои што иднината на земјата ја гледаат во ЕУ. Тие немаат право да си играат со иднината на државата и со луѓето кои живеат тука и сите следни генерации , затоа што прашањето во сите анкети за тоа дали граѓаните сакаат да бидат од ЕУ е апсолутно позитивно и огромен дел од граѓаните тоа го посакуваат. Оваа Влада сама ги влоши позициите со Бугарија. Прво, авто-блокада досега не направила ниту една Влада. Христијан Мицкоски кажува дека ние не можеме да почнеме преговори затоа што се плашиме од некоја друга блокада понатаму, таков став навистина не е политички коректен. Не може ние да си направиме и да си воведеме автоблокада плашејќи се да не Бугарија направи други блокади понатаму. Какво и да биде барањето понатаму ако воопшто има и се сложувам дека може да излезат различни ситуации, ЕУ ќе биде на масата за преговори и тогаш не може да поминат ирационални барања или некакви блокади од страна на Бугарија“, посочи претседателот на СДСМ Филипче, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.