fbpx

Бројот на починати деца на Клиника е алармантен, СДСМ бара оставки од Таравари и Мемеди

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на СДСМ, Белкиса Зеќири – членка на Извршниот одбор

Бројот на починати деца на Клиника е алармантен, СДСМ бара оставки од Таравари и Мемеди

Почитувани граѓани, pочитувани медиуми,

Неделава јавноста ја потресе трагична вест за уште еден згаснат детски живот на Клиниката за детски болести.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со голема загриженост ги следи информациите за случајот со смртта на 9-годишното дете на скопската детска Клиника.

Она што засега е познато, се информациите во јавноста дека детето од болницата од Штип е донесено на скопската Клиника за детски болести во многу тешка состојба, каде што обидите за реанимација, за жал, биле безуспешни.

СДСМ апелира надлежните институции при најавениот инспекциски надзор да спроведат длабока и транспаретна анализа на третманот на лекување на детето во текот на целиот процес, и кај матичниот доктор и во штипската болница и во скоспката Клиника за детски болести.

Родителите, јавноста заслужуваат информации – што точно е причината за смртта на 9-годишното дете, дали има пропусти и каде се пропустите, одговорност мора да има!

Денеска денот започна со уште една трагична вест за две починати бебиња, близначиња во Прилеп. И за овој случај ги повикуваме надлежните институции час поскоро да истражат и транспарентно да ги соопштат причините за смртта.

Почитувани,

Изминатиов период за жал скоро секој месец сме сведоци на вести за починати деца на Клиниката за детски болести. Состојбата е повеќе од алармантна.

Овие трагедии отвораат низа прашања не само за Клиниката за детски болести туку и за целокупниот здравствен систем, за кои јавноста заслужува итни и јасни одговори.

Како се случуваат ваквите пропусти? Каде затајува системот? Дали се прават обиди за прикривање лекарски грешки?

Ќе потсетам на неколку случаи: Кон крајот на минатата година седуммесечно бебе почина на Клиниката за детски болести, откако му беше одбиена хоспитализација без никакво образложение. 14-месечно бебе почина на детската клиника кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе од Струмица, старо само осум дена, почина од сепса. Ова е само дел од серијата трагедии кои не смеат да останат без одговорност.

Точно е дека се спроведоа инспекциски надзори, но тоа е недоволно. Казните за Клиниката за детски болести се задоцнети и несоодветни. Ниту една парична казна не може да го врати загубениот детски живот!

Во 21 век, во време кога во светот се лансираат современи технологии во здравствениот систем, нашата статстика лани за само шест месеци регистрираше 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова е страшно и загрижувачки!

Одговорност со оставки мора да поднесат министерот за здравство, Арбен Таравари, заедно со директорот на Клиниката за детски болести, Мемеди.

СДСМ бара инсистира на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки. Оваа состојба мора да се превенира, мора да се најде изворот на овие трагедии, не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме!

Ја повикуваме актуелната власт да го спречи враќањето на старите практики и високите стапки на смртност. Здравствениот систем мора да функционира одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните.

Последни вести