Соопштение за јавност
Филипче од Неготино: Ги штитиме лозарите, Владата да го изгласа законот за дополнителни 3 денари по килограм грозје
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче имаше средба со лозари од неготинското село Тимјаник, на која се разговараше за состојбата со откупот на винското грозје, проблемите со кои се соочуваат лозарите и за нивните предлози како да се унапреди оваа земјоделска гранка.
Филипче на средбата ги информираше лозарите дека пратеничката група на СДСМ во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување на Законот за вино по скратена постапка, кој предвидува воведување на дополнителна финансиска поддршка за лозарите во висина од 3 денари по килограм предадено винско грозје, за сите производители кои ќе предадат грозје кај регистриран производител на вино во периодот од 1 август до 30 ноември 2025 година.
Исто така, со измените се предлага укинување на членот од постоечкиот закон што дозволуваше 8% намалување на откупната цена на винското грозје, доколку визбите не ја направат исплатата во рок од 7 дена по откупот на грозјето – со цел да се спречат манипулации со откупната цена.
Филипче посочи дека, иако постоечкиот закон што се донесе лани има за цел да ги заштити лозарите, ресорното министерство не го почитува, со што им нанесува директна штета.
„Со тоа што Законот предвидува одредување на производна цена – значи лозарот ќе биде заштитен, а сега тоа МЗШВ не го испочитува. Законот е според европските регулативи, и во методологијата за пресметка треба да се вкалкулира колкава е цената на работната рака, на репроматеријалите, на заштитните средства. Винариите имаат обврска да го откупат грозјето за 25% повисока цена од производната. Ако се почитуваше законот, лозарите сега немаше да имаат проблем“, рече Филипче.
Тој додаде дека не објавена методологијата, не се знае како се дошло до откупната цена, како таа е 25% повисока од производната кога е само пола денар повисока од ланската, а производните трошоци се зголемени за најмалку 30%.
Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги укина добрите мерки за развој на лозарството што ги воспостави СДСМ.
„Целосно е прекината мерката мали винарии, тоа беше дополнителна помош за лозарите. Кој имаше свое лозје можеше да земе грант за да си направи винарија. Со тоа се зајакнуваше целокупниот процес, оваа сериозна гранка не само што ќе се заштитеше, туку ќе се унапредеше. Ќе се надградуваше преку производство на вино, па уште чекор понатаму – вински туризам. Дел од малите винарии со помош на тие грантови направија сместувачки капацитети и годинава веќе имаат туристи“, рече Филипче.
На средбата, од страна на лозарите беше посочено дека власта е на страната на винариите. Филипче потенцираше дека Министерството за земјоделство не се грижи за лозарите, не ги штити, додека целиот систем функционира во корист на големите винарии.
„Не се почитува лозарот, не му се дава доволно финансиска поддршка за да може да работи. Со цел да им удоволат на винариите не објави производна цена. Тоа што не е донесена цената транспраентно и објавена, тоа значи дека се имаат договорено со винариите со цел големите бизниси да купат евтин производ. Како да функционира системот кога се оди во корист на големите винарии кои седат во Стопанската комора и се договараат со премиерот. И тоа не е единствен пример – сите големи компании и бизниси се заштитени“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.