Соопштение за јавност
Во недостаток од вистински решенија за проблемите на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ преку своите курири, во секое граѓанско самоорганизирање гледа наводни „акции“ и „нарачки“ на СДСМ. Протестот на родителите и децата од улицата „Тихомир Милошевски“ во Скопје нема никаква врска со СДСМ, а барањата на овие граѓани за лежечки полицајци поради зачестени сообраќајни несреќи во кои страдаат деца се сосема легитимни, логични и немаат никаква партиска позадина.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку својот Курир информираа дека заклучиле оти СДСМ го организирал протестот само затоа што граѓаните скандирале: „Нема правда, нема мир“. Очигледно, во ВМРО-ДПМНЕ се алергични на граѓани кои бараат правда, затоа што за нив правдата е нешто од што треба да се бега.
Наместо да лаже и да ги злоупотребува децата во партиски соопштенија, ВМРО-ДПМНЕ требаше да им обезбеди пристојни услови за безбедно патување кон и од училиштата. Неспособноста на централната и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ не може да се покрие со лажни соопштенија дистрибуирани преку медиумите – огласни табли, а фактот што цел на нападот на ВМРО-ДПМНЕ се семејството и соседите на повредено дете, само говори за паниката која владее и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај неговите медиумски егзекутори.
Скопје, 22.09.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА