Соопштение за јавност
Шукова: 100 мурали за поубаво Скопје
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје на СДСМ, Каја Шукова, денеска го најави проектот „Скопје – град на мурали“, кој предвидува изработка на 100 нови мурали низ градот во текот на првата година од нејзиниот мандат.
„Скопје е наш дом и сите сакаме да го гледаме како чист, убав и инспиративен град,“ изјави Шукова. Таа истакна дека многу јавни простори денес изгледаат запуштено, а ѕидовите се уништени со безлични и хаотични графити кои ја нарушуваат сликата на градот.
Проектот има за цел не само естетско разубавување на јавниот простор, туку и промовирање на културни и општествени вредности преку современа уметност.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, тие ќе носат пораки за надеж, култура, заедништво и љубов кон нашиот град“, нагласи Шукова.
Во рамки на проектот ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се отвора можност за поддршка на домашната уметничка сцена и активно граѓанско учество во разубавувањето на Скопје. Шукова верува дека уметноста може да биде моќен алат за обединување и градење на одржлива и пријателска урбана средина.
„Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење – град со кој секој ќе се гордее“, додаде Шукова.
https://www.facebook.com/share/r/1B35QA95Hc/?mibextid=wwXIfr