Соопштение за јавност
Петровска: Власта падна во замка, затоа барањето за декласификација им предизвика нервоза
Барањето на СДСМ за целосна декласификација на документите предизвика нервоза кај власта, која се обиде да се претстави како жртва и падна во сопствената замка.
Долгото доцнење со безбедносниот сертификат на претседателот на комисијата создава сериозни прашања за законското функционирање на надзорот, рече пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на гостувањето во „Дневник“ на Сител телевизија.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставени. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат. Ние велиме , сакаме сè да биде објавено за граѓаните да добијат одговори. Декласификацијата ќе даде одговор на сите прашања и можеби ќе ги демантира сомнежите“, рече Петровска.
Таа потсети дека Скендер Реџепи поднел барање за сертификат кон крајот на 2024 година, што значи дека шестмесечниот законски рок одамна е надминат.
Петровска додаде дека неколку пати беа закажувани и откажувани седници со кои требаше да претседава, а потоа Реџепи сам ја закажа седницата, создавајќи лош впечаток за работата на Собранието и за политичките партии.
Таа нагласи дека надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со одговорност од сите.
Петровска потенцираше дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.
„АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку е столб на државата. И покрај недостатоците, таа институција придонесе Северна Македонија да стане членка на НАТО. Реформите мора да продолжат, но на вистински начин, со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, истакна Петровска.