Соопштение за јавност
Каранфилова Пановска: Владата на ВМРО-ДПМНЕ е директно одговорна за еколошкиот хаос во Вардариште и Дрисла
Серијата пожари во депониите Вардариште и Дрисла, што предизвикаа загадување на воздухот во Скопје, претставуваат сериозен екоцид за кој директна одговорност носат институциите раководени од ВМРО-ДПМНЕ, обвини заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во емисијата 24 Анализа на ТВ24.
„Управувањето со Дрисла и Вардариште е надлежност и на општините, и на Градот Скопје, и на централната власт. А ВМРО-ДПМНЕ управува со сите нив и со општините Гази Баба и Аеродром, и со Град Скопје, и со централната власт“, изјави Каранфилова-Пановска.
Во дебатата Каранфилова Пановска посочи дека својствено е за ВМРО ДПМНЕ секогаш кога не можат да се решат некој проблем да измислуваат разни изговори, домашни и надворешни непријатели.
„Најлесно е, кога сте неспособни да се справите со проблемите, да измислувате домашни и надворешни непријатели – и тоа е видено сценарио кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Никако не сакаат да си погледнат во сопствените редови и да си признаат дека за одредени работи немаат капацитет. Надлежните луѓе кои ги водат ресорите, немаат капацитет. Треба да сносат одговорност и треба итно да се преземат мерки“, рече Каранфилова Пановска.
Таа ги нарече „небулозни“ изјавите на премиерот Мицкоски кој на почетокот го минимизираше проблемот, а подоцна изјави дека се работи за „хибридни закани“ и го повика премиерот и Владата да престанат со релативизирање и прикривање на проблемите.
„Неодговорно е премиерот Мицкоски, на еден таков екоцид од којшто четири дена не можевме да дишеме, прво да вели дека „не е баш така“, замаглена е сликата во воздухот заради друга рефлексија, па да го преврти тоа во хибридни закани, за да денеска слушнеме сосема друга верзија, дека некои други се виновни, не знаеме кои, ќе видиме“, посочи Каранфилова Пановска.