Соопштение за јавност
Филипче: Мицкоски да не глуми опозиција, не сака ни реформи ни правда, туку судство под контрола
„Го слушам Мицкоски вчера, вика после изборите ќе донеле правда. Немало правда заради СДСМ и Филипче. Мицкоски, дали си ти уште во опозиција? Што направи ти за правдата да кажеш после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши луѓе — баџанаци, сопрузи на градоначалници. Што друго направивте?“, изјави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Штип.
Филипче потенцираше дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи во правосудството, но дека тоа СДСМ нема да го дозволи.
„Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда. За да сеете страв, да вршите притисоци и да владеете со уцени. Тоа сакате и ништо друго. Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме”, порача Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ свесно бега од реформите и ги блокира сите обиди за подобрување на системот и затоа од нив граѓаните не може да очекуваат правда.
„И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда на СДСМ заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема”, рече претседателот на СДСМ, д-р Филипче.