fbpx

Сточарите се оставени со угинат добиток, институциите да се разбудат, ќе одговараат!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми,
Љупчо Николовски, член на И.О на СДСМ
с.Горно Мојанце, 25.07.2016

Денеска сме во Горно Мојанце во општина Арачиново, на средба со сточарите од овој регион. И овде глетката е иста како во цела Македонија.

Неспособноста и неажурноста на институциите на Министерството и на Агенцијата за храна и ветеринарство, особено во делот на справување со болеста Јазлеста кожа се гледа и во овој крај, и сточарите од овој крај ги имаат истите проблеми, и истите маки.

Првенствено е тоа што институциите ги нема на терен, а сточарите се оставени сами.

Сакаме да потсетиме дека институциите и властите во Македонија, уште во 2015 година беа информирани и знаеја за можноста од ширењето на болеста Јазлеста кожа и во Македонија. Сега токму оваа болест коси низ цела Македонија, го преполовува добиточниот фонд.

Ќе банкротираат сточарите, а во прашање се доведува и опстанокот на млечната, и на месната индустрија во Македонија.

Уште од 2015 година, институциите направија многу грешки, направија многу пропусти, не беа обезбедени материјални и финансиски сретства, не беа донесени плановите што треба за институциите да можат да се справат со оваа болест, а грешките се повторија и продолжија и во 2016 година, со самото потврдување на болеста и нејзиното ширење во Македонија. Само да потсетиме дека повеќе од три месеци доцнеше пристигнувањето и набавката на вакцината којашто требаше да биде резервирана од страна на Македонија уште во 2015 година.

Се уште целосно не е спроведена вакцинацијата во Република Македонија, а нема ниту еден сточар кој е обесштетен за угинатиот добиток и за угинатите говеда.

Институциите не само што не си ја вршат својата работа, туку и ден денес ги нема на терен, да помогнат во справувањето со катастрофалните последици од оваа болест.

Затоа повикуваме, Агенцијата за храна и ветеринарство, сите надлежни институции, веднаш со целиот свој капацитет да излезат на терен и да помогнат на сточарите во справувањето со последиците од болеста Јазлеста кожа.

Повикуваме државата веднаш да исплати обесштетување за секој сточар кој има угинат добиток како последица од ширењето на оваа болест Јазлеста кожа.

Повикуваме на многу повисока професионалност, но и потенцираме дека одговорност за неспособноста и непрофесионалниот однос на институциите во делот на справувањето со болеста мора да има.
Одговорност мора да има, секој ќе мора да одговара пред законот.

ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА

 

 

 

Последни вести