Филипче од Охрид: Да кренеме глас и да се бориме против самоволието на ДПМНЕ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче од Охрид: Да кренеме глас и да се бориме против самоволието на ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Охрид, упати порака за потребата од активна граѓанска борба против неправдата, самоволието и деградацијата на институциите под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сега повикот е поважен и погласен од било кога. Ние мораме да се бориме за нашиот дом. Борбата почнува од секое маало, секое семејство, секоја куќа, од секоја улица. Наша обврска е да ја вратиме надежта дека оваа власт не може да прави што сака “, истакна Филипче.

Тој порача дека граѓаните не смеат да молчат пред ароганцијата на власта и игнорантскиот однос кон нивните реални потреби.

„Да дигнеме глас дека нема да молчиме пред неправдите, пред ароганцијата и пред игнорирањето на потребите на луѓето. Ние не смееме да оставиме самоволие на неколкумина да биде државна политика. Ние не можеме да дозволиме државата да стане алатка за лични интереси“, рече Филипче.

Во своето обраќање, Филипче остро ја критикуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека тие ниту имаат капацитет, ниту желба да помогнат на граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ докажа дека не знае да работи, дека немаат ниту капацитет ниту пак желба да им помогнат на луѓето да живеат подобро. Нема ни храброст и чувство за државност да решаваат проблеми. Но докажаа дека сакаат и знаат само да се одмаздуваат да владеат со терор и да шиканираат“, рече тој.

Филипче посочи дека сè што е создадено со борбата на генерации не смее да биде уништено од интересите на мала група поединци.

„АСНОМ не ја создаде оваа држава за некој да ја приватизира и да ја руши. Да ги руши стратешките позиции и цели кои ги зацртавме и кои се во интерес за сите граѓани. Ако сега не излеземе да се бориме, на секој ќе му биде уште потешко“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.