Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев за ужасниот терористички напад во Ница упати Телеграма со сочувство до францускиот претседател Франсоа Оланд, премиерот Мануел Валс и до граѓаните на Република Франција.
„Упатувам искрено и длабоко сочувство до семејствата на над 80-темина загинати, на над 100-темина повредени во терористичкиот напад во Ница, до францускиот државно – владин врв како и до пријателскиот народ во Република Франција, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз.
Најостро го осудуваме кукавичкиот чин во Ница, во којшто настрадаа граѓани кои на улиците на градот ја славеа слободата и еднаквоста, во чест на националниот празник на Франција, 14 јули.
Да се посегне по терористистички акт, какви што се првичните оценки, врз мирољубиви граѓани определени кон овие врвни демократски и цивилизациски придобивки, е уште еден ужасен аларм какво грозоморно зло е тероризмот кој не познава националност и вера туку е атак врз човештвото.
Го споделувам ставот со демократскиот свет дека е неопходно уште поцврсто и уште поорганизирано обединување и дејствување против насилството и омразата и една од најсериозните закани на меѓународниот мир и стабилност, тероризмот.
Се солидаризираме, како Социјалдемократски сојуз и како граѓани на Република Македонија со францускиот народ и подготвени сме да помогнеме во рамки на нашите можности.
Уверен сум дека Република Франција има и физичка и духовна сила да ги изведе одговорните пред лицето на правдата и да се издигне над трагедијата што ги потресе граѓаните на Франција, но и целата светска демократска јавност“.
15.07.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА