Соопштение за јавност
Ацевски: Ревизија на сите ДУП-ови во Ѓорче и забрана за градење на висококатници!
Ѓорче Петров моментално се наоѓа во незавидна состојба, без идеја за развој, бетонизирана, со запуштени јавни површини, со запуштено зеленило, без визија за хуман развој воопшто, истакна во гостување на Вистинска телевизија кандидатот за градоначалник од СДСМ, Костадин Ацевски.
– „Најголем предизвик е бетонизацијата во Ѓорче Петров која мора да ја запреме, има прекумерно и неконтролирано градење на секој чекор, надвор од секоја урбана логика. Приоритети се и чиста и зелена општина, системска грижа за хигиената, решавање на проблемот со притисокот на водата и капитални, инфраструктурни решенија, од аспект на сообраќајни решенија кои ќе понудат можности за развој на самата општина“, вели Ацевски кој истакна дека има решение за урбаниот хаос во кој живее Општината.
– „Бетонизација, односно градење згради на секој чекор не е урбанизација, ниту економски развој на Општината. Најпрво ќе го стопираме издавањето на решенија за градби со категоризација А2, односно ќе стопираме издавање на решенија за изградба на згради и ќе водиме строго сметка и ќе ја спречиме праксата да никнуваат згради со изигрување на законите. На хартија имаме одобрение за изградба на куќи, но тие преку ноќ стануваат згради“, објасни Ацевски.
Прв чекор на новата администрација во Општината ќе биде ревизија на деталните планови и забрана за градење на нови згради во централното подрачје на Општината.
– „Ќе направиме ревизија на ДУП-овите и развојот на Ѓорче ќе биде таму кадешто локациските услови го дозволуваат тоа. Има делови од Ѓорче Петров кои воопшто немаат детални урбанистички планови, луѓето не можат да си решат основни проблеми за живот.
Централниот дел на Ѓорче, Хром, делот околу Александрија тука веќе не може да се градат повеќе згради, а во моментов на овој простор се планираат или се во подготовка уште минимум десетина згради.
Се донесе ДУП каде се предвидуваат 40 згради, од кои повеќето се висококатници, над 20 ката, а моментално највисоката зграда во Ѓорче е 10 ката“, објасни Ацевски.
https://www.facebook.com/share/r/1AHHXmswZp/