Соопштение за јавност
Шукова: План и решенија за Гази Баба да стане мотор на развој на Скопје
„Оваа општина има огромен потенцијал. Но наместо да биде мотор на развојот, стана илустрација за стагнација“ – порача Каја Шукова од митингот во Гази Баба, каде што ја претстави својата програма за обнова на општината и за трансформација на Скопје.
Шукова најави дека ќе стави крајот на урбанистичкото дивеење и ќе воспостави систем што ги става луѓето во центарот на секоја одлука. „Знаеме што ви недостасува. Не ни требаат анкети доволно е да прошетаме, да погледнеме околу себе, да ве слушнеме“, рече таа.
Првата голема мерка е поврзана со зелената инфраструктура, нови паркови и зелени зони, не само на цртеж, туку реално, во секоја населба. Централниот проект е обновата на Парк-шумата, која, според Шукова, треба да стане „бели дробови на градот“ со трим патеки, спортски терени, рекреативни зони, детски игралишта и простори за миленици.
Во делот на сообраќајот, ќе се воспостави поврзан, достапен и точен јавен превоз, а во Автокоманда е планирана изградба на катни гаражи со паметни системи, за како што рече „да не се губи време, пари и нерви во барање паркинг“.
Чисти улици, транспарентен систем за управување со отпад, нови контејнери и редовно одржување се дел од „реформите што не се за сликање, туку за вистински функционален град“.
„Гази Баба не смее да се гуши во отпад додека граѓаните плаќаат поскапи сметки и живеат во срамни услови“, предупреди Шукова.
Најчестото прашање што го добива, вели, е: „Што ќе правите со Вардариште?“
Одговорот: целосна трансформација на депонијата во модерен, контролиран и безбеден центар за селекција и рециклажа, без загадување, со ред и одговорност.
Шукова најави и крупни проекти од економски и урбан развој: прв Конгресен центар во Скопје со сали и бизнис капацитети, и нов Саем со 70.000 квадрати, простор за култура, спорт, изложби и настани.
„Тоа значи нови работни места и економија што се движи, не стагнира“, изјави таа.
Во програмата е вклучен и проект за велосипедска магистрала што ќе го поврзува градот од Студеничани до Сарај како дел од концептот „улици за луѓе“, а не за партиски тендери. Предвидени се и субвенции за велосипеди, со цел да се создадат здрави навики што не загадуваат.
Шукова упати и остра критика кон актуелната локална власт:
„Четири години нема градинки. Нема индустриска зона. Нема културни центри. Нема дрвја. Ветија 500.000, нема ни 5.000. Сè што има е сликање. Најава. Потоа молк.“
Наместо тоа, како што посочи, граѓаните добиле поскапа вода, поскап смет, поскапа канализација и најскапо од сè, разочарување.
„Не може скапи зборови да ја покријат евтината реалност“, изјави Шукова.
Таа се обврза на нов почеток со работа, отчетност и визија.
„Јас не сум тука да ви ветувам бајки. Сум работела со план. Ќе го водам градот со план. Имам визија, имам тим и имам јасна цел: да ја изградиме Гази Баба каков што заслужувате зелена, поврзана, функционална“ истакна таа.