Соопштение за јавност
„Година и пол премиерот Мицкоски ја води владата и државата без компас и без човечност, Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција“, нагласи Претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вечерашната граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Струмица.
Филипче посочи дека Владата на Мицкоски за година и пол на власт и не направи ништо.
„Ја клекна економијата на колена, го заборави народот и го остави со уништен животен стандард. Го закочи патот напред кој СДСМ му го остави отворен“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче праша што очекува премиерот Мицкоски после ваквиот колапс на државата.
„Човек што не поднесува критика и затоа секојдневно понижува, напаѓа и навредува. Човек кој се жали дека сите го мразеле – а цела година ги нарекуваше луѓето глодари, лешинари, предавници. Се прашувам – што точно очекува Христијан Мицкоски? Дека народот ќе му аплаудира додека го понижува? Дека ќе го сакаат додека ги плаши и дели? Дека ќе го следат додека гледа само за себе, а ги игнорира барањата на граѓаните, на работниците, на земјоделците?“, рече Филипче.
При тоа, тој додаде дека единствената стратегија на премиерот Мицкоски е за секој свој неуспех да ги обвинува другите.
„Да каже дека сите други се криви – само тој не. Дека Македонија ја уништиле другите – а тој не можел сега ништо да направи. Кажува дека државата е заложник, а тој е жртва на хибридни напади, странски служби и стотици измислени приказни за да ја покрие својата неспособност. Но да зборуваме реално, што направи ВМРО-ДПМНЕ за една и пол години централна и четри години локална власт? Ниту една реформа, ниту една нова визија, ниту еден план за младите, ниту еден концепт за економијата“, рече Филипче и додаде дека состојбата во државата што се случува поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ не е само политички проблем, туку ова поведение на власта е државна закана.