Соопштение за јавност
Филипче од Кочани: Човечноста е темел на социјалдемократијата, највисоко политичко достигнување
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, упати порака дека човечноста е основата врз која се гради праведно и солидарно општество.
„За она што искрено жалам е што се изгуби шанса да покажеме дека барем кога е најтешко знаеме да бидеме луѓе пред сè. И не беше потребна голема храброст за тоа, беше потребна само емпатија. Малку достоинство. Малку почит”, порача д-р Филипче.
Филипче потсети дека човечноста е сржта на социјалдемократската идеологија и вистинската вредност за напредно општество, потврдувајќи ја определбата на СДСМ за политика што започнува и завршува со човекот, со достоинство, емпатија и заедништво како највисоки општествени идеали.
„Вредност што е темелот на социјалдемократијата. Вредност што е основа за солидарноста – како највисоко политичко достигнување”, додаде тој.
Лидерот на СДСМ се осврна и на значењето на слоганот „Се бориме за нашиот дом“, објаснувајќи дека домот не е само место, туку заеднички систем на вредности што ја одржува заедницата силна и сплотена.
„Нашиот слоган е ‘Се бориме за нашиот дом’. Затоа што домот не се само улиците, маалата и општините. Нашиот дом се нашите вредности, нашите односи, нашата грижа едни за други. Нашиот дом се сите пораки и политики што ги градат идните генерации, што им ги пренесуваме на нашите деца. Нашиот дом е толеранцијата, разбирањето и соработката – кои се темелни вредности на општеството”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која се одржа вечерва во Кочани.