Соопштение за јавност
Филипче: СДСМ избра пат на достоинство и поддршка за Кочани, а не сензационализам
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во изминатите шест месеци не избра сензационализам и политикантство, избравме пат на достоинство, на сочувство, на одговорност“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Кочани.
Во обраќањето на трибината, Филипче посочи дека СДСМ понуди закон и поддршка за настраданите во трагедијата во Кочани, а власта ништо не прифати.
„СДСМ избра да води политики со решенија и понудени закони за поддршка. Понудивме закони со кои финансиски им се помага на семејствата на жртвите и повредените и побаравме меѓународна истрага за да нема дамка на оваа трагедија. Но власта не прифати. Зошто не прифатија, проценете сами“, рече Филипче.
На трибината, Филипче рече дека граѓаните се доволно свесни да проценат кој се однесуваше државнички, а кој го покажа вистинското, грдо лице после најтешката трагедија во Кочани.
„За она што искрено жалам е што се изгуби шанса да покажеме дека барем кога е најтешко – знаеме да бидеме луѓе пред сè. И не беше потребна голема храброст за тоа, беше потребна само емпатија. Малку достоинство. Малку почит. Но кога тие вредности недостасуваат кај луѓето што ја водат државата, сè друго паѓа во сенка“, рече Филипче.