Соопштение за јавност
Шукова за БРТ-системот: Зеленилото ќе се заштити, инфраструктурата ќе се обнови
Во денешното телевизиско соочување на Канал 5 со противкандидатот Орце Ѓорѓиевски, кандидатката за Градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, зборуваше за проектот за БРТ-системот и за критиките поврзани со изградбата на трасата.
Шукова посочи дека, за разлика од Ѓорѓиевски, од првиот ден се залага за најбрзото, најефикасното и најеколошкото решение за јавен превоз во градот. „Да бидеме искрени БРТ не се спомнуваше на почетокот од кампањата од страна на Ѓорѓиевски. Сега, конечно, сите кандидати ја прифатија борбата за ова решение“, рече таа.
Во врска со забелешките за зеленилото на „Партизанска“, Шукова објасни дека постои план за дислокација и заштита, со што зеленилото нема да биде уништено, туку соодветно преместено.
Шукова се осврна и на подземната инфраструктура: „Истите аргументи што се слушаа пред четири години за наводни вибрации и ризици за водоводната мрежа, денес се решливи. Трасата ќе биде со амортизација на вибрациите, а отворањето ќе ни овозможи да видиме во каква состојба е подземната инфраструктура и каде поминуваат главните водоводни цевки, за стручниот кадар да интервенира навреме.“
Таа потсети дека проектот за првата БРТ-линија е веќе подготвен, со обезбедени 40 милиони евра, за линијата од Ѓорче Петров до Аеродром. Втората линија, што ја спомнува Ѓорѓиевски, допрва ќе се дефинира, со цел да се најде оптимално решение, особено за делот кон Кисела Вода каде урбанизацијата го ограничува просторот.
„Реализацијата на трасата ќе биде направена така што ќе се минимизираат нарушувањата на постојната структура на градот, без непотребно рушење на објекти, во интерес на граѓаните“, заклучи Шукова.