Соопштение за јавност
Филипче од Маврово и Ростуше: Со ВМРО-ДПМНЕ полека исчезнуваат странските инвестиции
„Со оваа неспособна влада на ВМРО-ДПМНЕ полека, но сигурно, исчезнуваат странските инвестиции од Македонија“, изјави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Маврово и Ростуше.
Филипче потсети дека во 2024 година, благодарение на политиките на СДСМ, државата заврши со рекордни милијарда евра странски инвестиции, но оваа година, под раководство на Христијан Мицкоски, во првите два квартали инвестициите не надминуваат ниту 300 милиони евра.
„Се поставува прашањето каде исчезнаа странските инвеститори? Зошто ја изгубија довербата во државата? Одговорот е јасен, знаат дека државата ја води влада без визија, без интерес за развој, без капацитет за реформи и за европска иднина“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека граѓаните секојдневно гледаат економски застој, нема нови проекти, нема раст на платите и пензиите, нема капитални инвестиции, а довербата во институциите се губи.
„Ова е последица на неспособноста и незаинтересираноста на владата на Мицкоски. Затоа, на 19 октомври граѓаните ќе испратат силна порака. Доста е од лаги и празни ветувања. Време е за број 5, за развој, стабилност и европска Македонија,“ порача Филипче.