Шукова: Со повеќе пешачки, велосипедски патеки, ослободување на јавниот простор, градот станува пофункционален

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Шукова: Со повеќе пешачки, велосипедски патеки, ослободување на јавниот простор, градот станува пофункционален

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на подкастот „Каде се парите?“ истакна дека јавниот превоз и урбаната мобилност мора да се развиваат паралелно со инфраструктурните проекти, со цел градот да добие функционален и хуман сообраќаен систем.

„Мора да одиме паралелно со нови поврзувања меѓу општините и со вложување во јавниот превоз. Не смеат да си пречат овие два концепти. Поврзувањето е важно и од економски и од социјален аспект, но јавниот превоз треба да биде приоритет, во којшто ќе се вложува најмногу“, изјави Шукова.

Таа нагласи дека е потребно да се обезбедат подобри и полесни поврзувања меѓу општините за граѓаните да можат полесно да комуницираат и да се движат низ градот, а воедно да се создадат услови за развој на алтернативни форми на транспорт.

„Покрај новиот возен ред и обновата на автобусите, мора да се обезбедат пешачки и велосипедски патеки и да се ослободи јавниот простор. Граѓаните не користат алтернативен превоз затоа што градот е нефункционален, тротоарите се заземени, патеките се блокирани од паркирани возила“, рече таа, потенцирајќи дека овие мерки се дел од нејзината програма за хумано и достапно Скопје.

Во рамки на визијата за почист и поквалитетен градски живот, Шукова најави и воспоставување на пешачки зони, како делот на „малиот ринг“, каде што ќе се движат само пешаци и велосипедисти, со што ќе се намали загадувањето и ќе се подобри квалитетот на воздухот.

„Сите овие мерки се поврзани меѓу себе, унапредувањето на јавниот живот, на сообраќајот и на квалитетот на воздухот. Ако сакаме модерно, уредено и здраво Скопје, мора да почнеме да го менуваме начинот на размислување и да се одвикнеме од зависноста од автомобилите“, додаде Шукова.