Соопштение за јавност
Шукова: Преку дигитална алатка граѓаните да учествуваат во планирањето на сопствениот град
Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на подкастот „Каде се парите?“ потенцираше дека најголемиот проблем во урбанизмот е отсуството на просторен план, и на државно и на градско ниво. Таа порача дека без јасни насоки за уредување на просторот, градот не може да се развива на плански и одржлив начин.
„Просторниот план на државата е со истечен рок, а недостасува и просторен план за Скопскиот регион. Без тие документи, се сведуваме на детални урбанистички планови кои носат хаос во Скопје“, изјави Шукова.
Таа објасни дека новиот Генерален урбанистички план мора да произлегува од просторниот план и да се темели на серија сеопфатни студии за сообраќај, животна средина, култура, земјоделие и природата, бидејќи само така може да се создаде вистинска слика за насоките на развојот на градот.
„За жал, дел од студиите се стари по неколку години и најверојатно ќе треба процесот да се повтори. Тоа ќе значи и одредено доцнење, но мора да направиме план што ќе одговара на реалните состојби“, додаде таа.
Шукова најави дека во меѓувреме градот мора да биде отворен и транспарентен кон граѓаните. Таа истакна дека постои дигиталната алатка „Smart Skopje“, која овозможува електронско вклучување на јавноста во процесите на планирање, но во изминатите четири години не била искористена.
„Скопје има можност за дигитално и транспарентно носење на деталните урбанистички планови, но тоа не се спроведе. Ќе ја активираме оваа алатка за граѓаните да учествуваат во планирањето на сопствениот град“, нагласи таа.
Во својата програма, Шукова предвидува повеќе зеленило и хуман простор, потсетувајќи дека минимумот од 25% зеленило е законска обврска што мора да се почитува.
„Мораме да знаеме каков град сакаме, и врз основа на тоа да го направиме Генералниот урбанистички план. Само така ќе изградиме уредено, хумано и зелено Скопје“, порача Шукова.