Соопштение за јавност
Филипче: Резолуцијата е национално обединување околу црвените линии, Мицкоски не покажува зрелост
Во денешното гостување во дневникот на Сител Телевизија, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче искажа жалење што премиерот не покажал политичка зрелост за предложената декларација во однос на црвените линии во патот кон евроинтеграциите.
„Јас жалам дека премиерот не покажа политичка зрелост, ниту пак покажа државничко однесување во однос на декларацијата. Обвинувањето дека тоа е некаков поклон за Бугарија е апсолутно неиздржано и целосно неточно. Тоа е поклон за Македонија, тоа е поклон за нашиот народ. Тоа е нешто што од нас може, доколку заеднички го донесеме, не само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сите политички партии во парламентот, тоа е нешто што ќе ни направи посилни и по обединети“, рече Филипче.
Тој во дневникот на Сител потенцираше дека декларацијата е најмакедонскиот документ кој што некогаш бил презентиран на политичката сцена поради тоа што за прв пат нуди концепт на национално обединување.
„Национално обединување, тоа е нешто што многу држави го имаат, држави со многу подолга традиција, видете ги Западно Европските земји. Еве само Бугарија, колку декларации заеднички, што ги гласеше целото собранието, имаат во изминатиот период. Зашто ние да не покажеме политичка зрелост, свесност, дека е тоа важна работа, да седнеме, да ги утврдиме тие црвени линии и да продолжиме напред“, потенцираше Филипче.
Притоа претседателот Филипче истакна дека сите и владејачката гарнитура го знае чекорот кој треба да се направи и кој вчера го потврди и претседателката на Европската комисија Фон дер Лаен.
„Се знае патот напред кој е. Значи ако нема временски рокови се што ние правиме е губење драгоцено време. Но да се вратам на содржината, тоа е нешто што и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ го има. Таму стои дека не се преговара ниту за јазик, ниту за историја, ниту за идентитет, ниту за култура. Тоа е тоа што ние го кажуваме и сме го кажувале многу пати до сега. И ако го има насекаде, зашто на крајот на краиштата не покажеме зрелост и да седнеме заедно и да ја бутнеме државата напред“, праша Филипче.
Филипче исто така оцени дека владата единственото што го прави за декларацијата е да бара изговори зошто да не прифати.
„Гледаме како регионот оди напред. Ние знаеме точно кој чекор треба да го направиме, намерно не се прави тоа, сметам дека владата само бара некаков изговор, а дека вистинска желба за продолжување на европскиот пат, за жал, нема“, истакна Филипче.
https://www.facebook.com/watch/live/?mibextid=wwXIfr&ref=watch_permalink&v=674184225759713&rdid=ZpbtgCyhoPfoDLdt