Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска се сретна со претседателите на партиите и претставниците на здруженијата коишто заеднички застанаа зад Платформата за демократска Македонија.
Потписниците на Платформата за демократска Македонија разговараа за актуелната политичка состојба во земјава при што ги разгледаа следните чекори на заедничко делување.
Широкиот демократски фронт зад којшто застанаа дваесетина партии и здруженија, преку Платформата за демократска Македонија, цврсто останува во одбрана на демократските принципи и ќе продолжи заеднички да делува за враќање на слободата, правдата и демократијата.
Заеднички беше оценето дека општеството се наоѓа во заложништво на криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ.
Институциите се делегитимирани и урнисани. Потребно е враќање на правдата и уставниот поредок.
Ослободувањето на државните инситутции и нивно возобновување се клучен предуслов за демонтирање на криминалниот систем којшто ја зароби државата.
Селективна правда е неправда. Основно демократско начело е сите граѓани да бидат еднакви пред законите и тоа мора да се обезбеди. Затоа целосно поништување на незаконската и противуставна одлука на Ѓорѓе Иванов за аболиција мора да случи.
Принципите договорени во Пржино, како што се владеењето на правото и создавањето на сите неопходни услови за слободни, фер и кредибилни избори се рамка за можни решенија.
Владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни, фер и кредибилни избори се клучни процеси за враќање на правдата, слободата и демократијата во Република Македонија. Само така Македонија може да зачекори во сигурна и подобра иднина за сите граѓани.
Демократска Македонија предводена од СДСМ и Зоран Заев нема да дозволи никој да ја држи иднината на земјата во заложништво.
Слободата, демократијата и правдата се темели на секое здраво општество и предуслов за нормален живот и заедно со граѓаните ќе се избориме за тоа, беше заклучено на состанокот.
Скопје, 25.05.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА