Филипче од Куманово: Промените започнуваат во недела

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче од Куманово: Промените започнуваат во недела

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на завршната трибина „Се бориме за нашиот дом“ која се одржа во Куманово испрати силна порака дека СДСМ има една мисија, а тоа е да и стави крај на ненародната власт која не се грижи за граѓаните.

„Ова е нашата мисија. Ова е нашата битка. Да не оставиме ниту еден човек несреќен и неслушнат. Да го кренеме СДСМ не само како партија, туку како движење, како сила, како народна надеж. Сакам да ви кажам уште нешто. По поразот минатите избори сите предвидуваа крај за СДСМ. Се надеваа дека ќе нè снема, работеа на поделби и со презир нè гледаа мислејќи дека ќе се откажеме. Денес, на два дена пред изборите, сакам јасно да им порачам дека ќе се разочараат“, потенцираше Филипче.

Претседателот на СДСМ пред кумановчани кажа и дека СДСМ останува најсилната и најголемата партија која може да му се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ се консолидираше и СДСМ повторно расте! Затоа треба да знаеме дека нашиот пат, нашите политики никогаш не биле лесни. Никогаш немало лесно за СДСМ. Но знам зошто сме сите уште заедно тука затоа што тоа што го правиме и за што се бориме е важно. Затоа што нашата борба е длабоко во себе исправна, искрена и во интерес на граѓаните“, рече Филипче.

Тој на завршната трибина пред локалните избори во Куманово зборуваше и за значењето и вистинските вредност на патриотизмот од кој СДСМ никогаш нема да отстапи по што ги повика граѓаните на масовна излезност на гласање.

„Патриотизмот за СДСМ значи да се бориш за секој човек, патриотизам е да го обединиш народот околу заедничка цел, патриотизам е да водиш политика за иднината и да ги заштитиш луѓето. Тоа е СДСМ и никогаш нема од тоа да отстапиме. Затоа ве повикувам: во недела, гласаме со разум. Гласаме со срце. Гласаме со вера дека оваа земја може подобро и дека тоа подобро почнува од нас. Гласаме за Македонија. Гласаме за Куманово. Гласаме за промени и силен СДСМ. Промените започнуваат во недела“, заврши Филипче.